Сѐ што дознав во „Светот на возрасните“

193efa32-6e40-413e-a5c4-7e9451a05d8b.jpg

Отсекогаш сум се водела по поговорката „Што зрачиш, тоа и привлекуваш“.

Зборови кои првпат ги слушнав од мојата баба, на свои 8 или 9 години.

Знам, повеќето од вас ќе помислат: „Како едно мало девојче може да ја разбере тежината на овие четири збора?“

Но, јас сфатив. Навистина разбрав, можеби и многу повеќе од тоа што се очекуваше од мене, според возраста која ја поседував.

Секако, тука не изостануваа каприците, најдобрите другари во детството, она слатко измачување кое на секој родител му е повеќе од познато.

И додека трепнеш поминало, како исекотината од детската невнимателна игра која само бакнежот на мама умее да ја излечи.

Добиваш билет, неповратен и бесплатен.

Билет кој не може да се изгуби, искине, запали.. Неуништлив билет кој води до само една дестинација: „Светот на возрасните“.

Постојат две групи.

Во првата се оние кои одвај чекале да пораснат, бидејќи им здодеало никој да не ги сфаќа сериозно, а во втората оние кои секојдневно слушале: „Уживај додека си дете, животот воопшто не е едноставен. Ќе видиш кога ќе пораснеш“.

Кај овие вторите преовладува стравот наспроти ентузијазмот, за разлика од првата група.

Како и да е, стапнуваш на прагот каде што сѐ ти е ново, а сепак толку познато.

Почнуваш подобро да ги разбираш работите.

Сфаќаш дека чичко Столе не дошол на куќната слава не затоа што не сакал, туку затоа што морал да работи трета смена за да може да го плати курсот на Сара, која е махер по јазици.

Ја чувствуваш болката кога ќе рече: „Нека учи, не сакам да проживее ниту еден ден од мојот живот“.

Дознаваш дека тетка Станка постојано плаче, но не поради болката во грбот, туку затоа што не може да собере доволно средства за операција на малиот Душан.

Дознаваш дека мајка ѝ на Симона чисти по куќи, работи во цвеќарница, а навечер прави торти и колачи за сите вие да можете да ѝ завидувате на нејзиниот најнов ајфон.

Дознаваш дека очите на тетка Соња така силно блескаат кога сите внуци ќе ѝ дојдат на гости, бидејќи не може да има деца.

Одеднаш дознаваш дека најдобриот маалски продавач кој секогаш сее насмевки, всушност во минатото доживеал сообраќајна несреќа во која ја изгубил својата жена и ќерка си.

А ти мислеше дека е најсреќниот човек на светот..

Дознаваш дека Марко не плачеше за 8-ми март бидејќи му се потрошил фломастерот боејќи ја честитката, туку бидејќи ќе може да ја даде дури на есен, кога мајка му ќе се врати од воена должност.  

А сите вие му се смеевте каков лигуш е.

Дознаваш дека професорот кој во средно сите го исмевавте и потценувавте починал од срцев удар.

Дознаваш дека чичко Атанас, братот на татко ти не живее во Америка, туку тој и татко ти не зборуваат.

Дознаваш дека баба многупати со паднат притисок и тресење на рацете, сепак ја направила твојата омилена пита со спанаќ, бидејќи знаела дека ќе дојдеш да ја посетиш.

А ти јадеше и веднаш заминуваше.

Дознаваш дека твоите многупати останале дома, не затоа што не сакале да излезат, туку за да можеш да излезеш ТИ.

Не заминале на одмор, за да заминеш ти.

Дека твоето: „Зошто не успеавте повеќе?“ е поради тоа што жртвувале сѐ за да те изведат на вистинскиот пат и да те изградат во личноста којашто си денес. 

Се жртвувале себеси за твојата среќа.

И одеднаш застануваш.

Се сеќаваш на сите оние животни совети кои низ годините си ги добивал од најблиските, а всушност до тебе допреле токму сега.

Се сетив на зборовите баба ми.

Колку ли само мислев дека ги имам разбрано..

„Што зрачиш, тоа и привлекуваш“..

Се насмевнав и помислив: Затоа баба толку слатко се смееше кога ја слушаше мојата дефиниција.

А на крајот сепак ме остави сама да ја почувствувам.

Размислете. Како вие зрачите?

Тргнете од себеси.

Не барајте ја вината во другите.

Обидете се од најнегативното нешто да ја извлечете онаа трошка позитива којашто упорно велите дека не постои.

Животот е краток.

Бидете присутни, споделувајте, помагајте, сослушувајте, ценете.

Внимавајте што кажувате, бидејќи искреноста не секогаш е вистинскиот избор.

Работете на себе.

Оставете ги луѓето да го прават тоа што го сакаат. Не мешајте се во туѓите животи.

Предрасудите одамна излегоа од мода.

Едноставно е, бидете најдобрата верзија од себеси.

И најважното од сѐ: смејте се, зрачете!

Никогаш не знаете чиј ден можете да разубавите!

 Автор: Мила М. | Црнобело 

Би можело да ве интересира:

Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...
Бадник и Божиќ во мојот дом во Битола – Баба ми возбудено готви, јас дотеран за во црква Паметам кога бев малечок, уште во зорите на ладното зимско утро ќе ме разбудеа п...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg