Зошто македонските работодавци чекаат „фала“ што ни ја даваат заслужената плата?
Мисли ми прелетуваа на сите страни, главата ќе ми пукнеше, нервозно типкав на тастатурата од телефонот. Знаев дека разговорот ќе биде многу тежок, потежок од паузата додека го слушам титкањето пред да се појави гласот од другата страна. Воздивнав неколку пати.
Бев нов во фирмата. Оставен на мисла што е правилно, а што не, дали да се остане верен на себеси и своите верувања или да се молчи, затоа што оној кој многу не зборува, нема да влета во неволја. Тапкав со ногата, мојот шеф сѐ уште не го кренал својот телефон. Беше на службено патување, но рече да го побараме во секое време.
Слушнав едно нервозно „Ало” од другата страна. Искрено не ми беше важно, воздивнав сто пати, тремата ми помина, можев да му кажам сѐ, дури и дека здивот му мириса одвратно наутро.
„Сакам да зборуваме за мене и за мојата позиција во фирмата. Сметам дека она што го работам е спротивно на моите барања, на договорот кој го направивме пред да започнам и во најмала рака деградирање на мојата професија и аспирација за професионално надградување”. Иако многумина ми рекоа да премолчам, јас не можев, што беше најлошото што можеше да се случи, да ме избрка?
Во едно време каде парите го вртат светот, мене не ми беше важно, можеше да ми рече да ги соберам парталите уште веднаш. Тоа македонските газди и шефови требаше да го научат, еднаш за секогаш, добриот работник секогаш има подобра опција од некој опинок кој го истура својот гнев врз него. Со закани и празни разговори нема да задржиш човек што знае колку вреди.
„Чашата не е полупразна, и не знам зошто драмиш, едноставно треба да ја гледаш како полуполна. Што сакаш да ти дадам, да носиш одлуки, иновации, да бидеш некоја придвижна сила во компанијата, па јас тоа ниту на мојот син не би му го дал, не па тебе. Или гледај позитивно на работите или врати си се од каде што дојде, во твојата провинција. И онака нема да добиеш подобра можност од оваа!” Се развика непрофесионално и го склопи телефонот. Јас немав желба за расправање.
Уште пред да се пикнам во светот на бизнисот си ветив дека ќе играм со мозок и со она што сметам дека е правилно. Еден академски образован граѓанин не смееше да си дозволи такво однесување, а јас не смеев да си дозволам некој да не ме цени мене и мојата желба за напредок. Тоа беше ми се чини проблемот на многу работодавци, мислеа дека можат да нè врзат со плата. Мислеа дека можат да ја закопаат нашата креативност, желба за напредок и големите апетити да се успее со една месечна трансакција, која ја ставаа како оглавник околу нашите глави. Замижав со очите. Главата знаеше, срцето знаеше.
Го исклучив компјутерот додека колегите ме погледнаа со чудни очи. „Што се случува?” Прашаа загрижено.
„Иако ве сакам сите од прв до последен, ме прифативте иако нов, како свој. Едноставно морам да се послушам себеси. Чувајте си го грбот едни на други. Си одам, давам отказ. Среќно!”
Останаа со подзината уста. Секој друг Македонец можеби би останал да ја работи таа неинспиративна работа која носеше добра плата. Но која беше поентата да се затупиш, само поради пари? Зарем требаше да се откажам од сопствените сни како дете само за да земам некоја плата која тие ја рачунаа како преголема, а притоа беше сосема заслужена? Што требаше, да се поклонуваме на работодавците за тоа што не вработиле и ни даваат плата?
Многу грешевме, јас грешев, затоа што создавав емпатија кон претпоставените и до тогаш ми беше тешко да им „ги скршам срцата”, а на крајот моето остануваше скршено. Но не и овојпат. Имав план Б кој ме носеше на многу поубаво место, со многу можности. Телефонот ѕвонеше и понуди се редеа секојдневно. Иако таа одлука изгледаше импулсивна, испадна најдобрата која некогаш сум ја донел и ми покажа дека кога некој 'ржи, јас треба да возвратам за да си ја одбранам мојата територија. Дискусијата за тоа дали чашата е полуполна или полупразна е само губење време, едноставно е, треба да ја наполните чашата!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Н. Буџак | Црнобело