17 ликови кои ќе ги сретнете ако се качите на Водно
Транзицијата од зимски распуст и скијање до летен одмор и плажи е најчесто пополнета со планинарење, или обид за тоа. Оние кои навистина сакаат да планинарат најчесто се организираат преку најразлични здруженија, или собираат друштво, па „бегаат“ на некоја повисока планина што подалеку од главниот град.
Оние кои немаат услови за тоа, а и не се во форма, патот до врвот го започнуваат на Водно.
Секако, на Водно може да се најдат и луѓе кои не ги интересира планинарењето, туку само „чекирањето“ на Фејсбук и Инстаграм, како и оние кои едноставно сакаат да прошетаат во природа.
1. Планинарот – Првиот на оваа листа е човек којшто поради најразлични причини не успеал да стигне на закажаната планинарска средба со пријателите, па за да надокнади отишол на Водно. Тој е опремен како за на Монт Еверест, поседува одличен планинарски бонтон и се качува до врв без никакви потешкотии.
2. Рекреативецот – Најчесто облечен во бела маица и шорц, или тренерки (во зависност од времето), и со пешкир околу вратот, овој човек го сретнуваме по 3-4 пати додека се искачуваме кон врвот. Одлично се држи, иако по неговото дишење и говор на телото не изгледа така.
3. Дипломатот – Се чекате со пријателите во 7 часот кај Кочо Рацин, во 7 и 15 веќе се искачувате кон врвот, и мислите дека ќе бидете првите и единствените кои ќе стигнат горе толку рано... и оп, ете го тој... полупрофесионално дотеран лик, кој се спушта надолу и со блага насмевка ги отпоздравува сите со кои ќе се размине. Најчесто станува збор за некој странски амбасадор, а многу ретко за македонски бизнисмен, кои поради зафатениот ден, решиле на врв да бидат до 6 часот. Овие луѓе се вистински пример за фразата „Во здраво тело, здрав дух“.
4. Стогодишниот – Ова е всушност, заедно со „планинарот“ најфит ликот на оваа листа. Станува збор за постар господин кој има над 70 години, а не е дојден со автобус до горе за беспари. Ведар и насмеан ги поздравува сите колеги планинари кои ќе ги сретне на патот, и е апсолутна спротивност на неговите врсници кои го посетуваат Водно.
5. Пензионерите – Кога е гага... и киселината е блага. Водејќи се по оваа фраза, нашите ценети пензионери се секој викенд на Водно, меѓутоа никогаш не планинарат таму. Наместо тоа, си тераат излети. Ова се луѓе кои не познаваат личен простор, и доколку си седите романтично на клупа со вашата партнерка, нема да се двоумат да ви се „трупнат“ до вас. Бон тонот и културата често пати ги нема кај нив, па така кога ќе отидат, позади нив останува еден тон ѓубре за кое се обвинуваат младите (далеку од тоа дека не се виновни и тие).
6. Ангелите на Викторија Сикрет – За многу млади девојки, Водно не претставува планина туку модна писта. Овие можете лесно да ги препознаете, не поради нивната природна убавина, туку поради штиклите и шминката кои ги носат на врв на Водно во 11 часот сабајле. Најважната работа им е да се напијат кафе и да стават „чек-ин“ на Фејсче и Инста, за да знаат нивните следбеници каде се и што прават. Луѓето од планинарскиот дом често ги користат дупките оставени од нивните штикли за да засадат понекое ново дрвце, а најголема корист од нив имаат пред „ден на дрвото“.
7. Човекот со кучето – Водно е идеално место вашето милениче да се опушти и да замара други луѓе. За среќа, овој господин (или госпоѓа) го имаат до некаде добро воспитано своето милениче, па тоа не прави штети од поголем калибар. Најчесто станува збор за шармантно куче, кое сите го сакаат и кое со сите се гали.
8. Намќорот со кучето – Нешто слично како човекот со кучето, меѓутоа овој човек не сака никој да се доближи до неговото куче во радиус од 5 метри. Доколку сакате да го погалите неговото куче, ќе мора да поминете низ најнепријатниот поглед на светот додека го правите тоа. „Здраво“ и „Пријатно“ во неговиот речник не постојат, само во ретки случаи може да ви кимне со главата (доколку му е погоден денот).
9. Типот со колата – Како и секаде, така и на Водно, мора да има барем еден кој ќе им го расипе расположението на сите присутни во околината, пробувајќи да „бркне“ нешто. За разлика од сите што дошле на Водно да одморат и поуживаат во природата, овој човек дошол да им се „пушта“ на погоре опишаните „Ангели на Викторија Сикрет“. Дојден е со кола до каде што можел, па таму дрифта и прави најразлични акробации со своето внимание за да привлече внимание. Поради таквите како него, на повеќето луѓе не им се оди на Водно повеќе.
10. Тие со моторот – Исто како „типот со колата“, само замислете си множина со погласни возила, и дупло подосадни и напорни. Најчесто станува збор за група пријатели кои дошле да си ги „измерат“... коњските сили на возилата, па вртат кругови во празно кревајќи колку што можат повеќе бучава.
11. Екскурзијантите – Станува збор за група млади луѓе кои се однесуваат како да дошле на матурска екскурзија. Светот се врти околу нив, и гледаат да привлечат највеќе внимание што може, без притоа да изгледаат како да привлекуваат внимание. Најчесто носат топки, фризбија и други предмети за рекреација, при што многу често истите тие предмети завршуваат кај некои други луѓе во оброк, кафе или сок. После нив најчесто оставаат повеќе ѓубре од тетовската дива депонија.
12. Јадачот – Ова е лик кој доаѓа како дел од некое друштво, и во својот ранец носи цел фрижидер. Патувањето до врвот го започнува со 3-4 кроасани, па на пола пат до Средно Водно, јаде два сендвича, па на Средно уште два, па на пола пат од Средно Водно до врв уште еден сендвич и кроасан, па на врв нарачува нешто за јадење од планинарскиот дом (или во некои случаи, си носи салата во ранецот). Патувањето е пропратено и со неколку литри сок, како и топли напитоци како кафе и чај. Најчесто кога пријателите ќе видат што сè носи, мислат дека ќе може да се „изгребат“ од него за јадење, при што доаѓа до недоразбирање.
13. Фацата – Најчесто станува збор за познато лице на македонската естрада, или полупознато (од оние што имаат од два до три обожаватели). Поради самиот факт што е познат (или позната) постојано се смее и мисли дека сите луѓе гледаат во него/неа, меѓутоа вистината е на повеќето луѓе присутни на планината, воопшто не им е гајле дека тој/таа е таму.
14. Хипиците – Ова е група на луѓе од странство, во која има барем еден наш, и најчесто воопшто не се хипици, меѓутоа оставаат таков впечаток во нашите очи. Многу лесно се препознатливи поради нивната гардероба и блага замлатеност, како и безгрижноста со која се движат.
15. Познатиот – Најчесто не станува збор за лице кое е познато во јавноста, туку е само човек кој е секој ден на Водно, па ги познава сите присутни планинари. Постојано е насмеан, и им посветува време на сите со кои ќе се поздрави, ако се разминете повеќе од два пати, идната ваша посета на Водно повеќе од сигурно е дека ќе се заправите муабет со него.
16. Велосипедистите – Ова се исклучително храбри луѓе кои се решиле стрмната планина да ја искачат со велосипед. Најчесто ги одминуваме кога одиме со кола до Средно Водно, при што може детално да се забележи маката на нивното лице (секоја чест за исклучоците кои се качуваат со велосипед без проблем). На Средно Водно од чешмите пијат вода „на екс“ и најчесто тука завршува нивната авантура, освен во некои многу ретки случаи, каде што некој знае да се нафати на возење до врв.
17. Мајката со гласното дете – Замислете си ја најмирната атмосфера, пензионерите јадат, јадачот со нив, моторџиите прават кругови на паркингот, типот со колата „рокнал“ некој андерграунд шабан да ечи со отворени врати, кучето на „човекот со кучето“ лае и трча врз луѓе, и во тој момент слушате „Андреа сине дојди ваму!!!“ (каде што сине не мора да значи дека детето е машки род), по што гледате како мало дете трча со канта за отпадоци во рацете и фрла смоки по случајните минувачи, а мамичка позади него пополека еленски подрипнува на штикли и нежно пробува да го скроти малиот врескач.
еНВи | Црнобело