Снежец, мастики во туба и шеќерни јаболка - слатките од моето детство
Имам 7 години и вкупно 10 денари во џебот, токму како овие на фотографијата подолу. Трчам брзо и силно да не избега чичкото со црвените шеќерни јаболка.
Ах бе деца, не си ги давајте парите џабе, ќе ви направам исти, вели баба ми, но не ја сфаќа радоста кога трчаш по улицата заедно си другите деца да го стигнеш оној кој ги продава овие црвени слатки радости.
Јас сум од времето на Снежец и чоко-локум. Се јадеше слатко без мера, кришум и со многу обвивки од мастиките и чоколатцата под перницата.
Тоа беше време на нездраво, неорганско, а и никој не беше слушнал за глутенот. Никој не се заморуваше околу тоа дали слатките кои ги јадеме имаат премногу прехранбени бои или емулгатори.
Од оваа перспектива не знам колку е тоа паметно или не чини, но во секој случај, сите сме живи и здрави.
Мастиките од моето детство беа особено интересни – сите преблаги и сите СО шеќер. Најмногу ги сакавме Турбо со сликичките од автомобили, Чунга Лунга, Минти, а оние кои доаѓаа во течна состојба во туба ни беа како некое вселенско откритие.
Мастиките „цигари“ пак те тераа да се чувствуваш возрасно и важно.
Што се однесува до чоколадите, се сеќавам на една Снежана, наше домашно чоколадо, кое за жал повеќе не се произведува. Имаше нешто сочно и крцкаво внатре, а јас ја обожавав.
Едноставна шеќерна табла за која татко ми велеше дека има вкус на сапун, па така и ја викаше – Сапунче, наместо Снежана.
Животинското царство беа невиден луксуз, купувани и носени само за специјални пригоди, ама затоа Бони топ бонбоните беа нешто кое се јадеше наместо ужина.
Дали знаете која радост беше да се изеде еурокремот од чашката со очиња и од истата да се пие сокче или вода? Па да собереш чашки во неколку бои, абре чуда.
Конечно, сладоледите. Добро познатиот Снежец, едноставен сладолед од ванила на стапче со тенок слој чоколадо. Поубаво и повкусно, здравје.
Тука беше и Руменко, Лени и Капри, како и овој мал изум – сладолед во пластична топка која потсетува на фудбал.
Ако почнеме да зборуваме за бабините ванилици, парените колачиња – еже и другите домашни слатки нема да запреме никогаш.
Убави слатки – убави времиња, нели?
(О)Милена | Црнобело