Тато ќе дремне малку после работа, мама ќе се залепи за шпоретот

Еве најдобар доказ како работите може да се сменат и дека луѓето на 15 или 55 години може да прифатат некои добри позитивни карактеристики без оглед на возраста – моите родители.

Tato-ke-dremne-posle-rabota-mama-ke-se-zalepi-za-sporetot-01.jpg

Имам 6 годинки, мама и тато се враќаат од работа истовремено. Тато се пресоблекува и легнува да дремне малку, а мама се зафаќа со правењето на ручекот. Понекогаш брза толку многу, што нема ниту време да се пресоблече, туку готви во облеката во која дошла од работа.

Ја мести масата, седнуваме и ручаме. Татко ми прв станува, бидејќи јаде најбрзо. Јас ја кревам и ја носам во садоперот само мојата чинија, бидејќи научена сум дека „секој ја носи својата чинија на миење“.

Понекогаш се лутам зошто тато не си ја крева својата чинија, но мама ми вели да си ја гледам мојата работа, затоа што тој понекогаш ги носи сите торби од пазар, а мама не носи ниту една.

Мајка ми продолжува да ги мие садовите, татко ми си ја продолжува дремката. Мајка ми подоцна продолжува да чисти, па си ја собира целата „манџосана“ облека во машината за перење и гласно си повторува дека ја чекаат и куп алишта за пеглање.

Кога е веќе на четвртата домашна активност по работата, татко ми се буди одморен и свеж и ме прашува каде сакам да ме носи да си поиграм. Јеее, тато е најдобриот татко на светот.

Ќе поминат години додека да сфатам колку само товар паѓал на грбот на жената и дека мајка ми дури не е ниту најтипичниот, ниту најлошиот пример во општеството.

Моите дури биле и многу прогресивни за нивното време. Живееле сами, не во заедница со нечии родители, сами си го кроеле буџетот и активностите, мајка ми имала еднакво право на глас во домашните одлуки, како и слободата да излезе каде и кога сака од дома, без да бара дозвола од мажот, бидејќи видете, поголемиот дел од тетките и стрините го немале тој „луксуз“.

Не била занемарувана, не била понижувана, не била малтретирана, напротив, била сакана и поддржувана, а сепак тој дел со дремнувањето по ручекот и преземањето на најголемиот дел од домашните обврски се чинел толку природен и логичен.

Затоа што така биле воспитувани. Затоа што тоа го гледале секојдневно дома и не знаеле поинаку.

Затоа што пркосот кон партнерот и укажувањето на неговите грешки не биле во духот на домашното воспитување. За мир во куќата се молчело, а компромисот се развлекувал до невидени размери.

Затоа што постоеле стриктно „машки“ и „женски“ работи. Затоа што срамота е мажот да филува торта, а жената да цепи дрва. Не е важно што можеби тие работи им лежат подобро, важно е активностите да соодветствуваат со полот и силата.

Или можеби не е толку трагично жената да исцепи некое дрво, ама филувањето торта навистина не доаѓа предвид.

Не е дека не носеле двајцата пари дома. Не е дека едните вределе повеќе или помалку од другите. Не е дека во еден момент мајка ми не успеала да заработи дури и повеќе од татко ми. Ама ете така, се чекало на жената, таа суредува, чисти, готви, пере, пегла. Мажот е за „машките“ работи. И точка.

Но, работите се сменија. Татко ми прв отиде во пензија, додека мајка ми сè уште работи. И замислете – денес татко ми пазари, готви и средува садови. И мошне успешно го прави тоа.

Прашањето е – знаел ли да го прави тоа отсекогаш или пак го научил последниве години како е дома? И што го поттикнало на ваквото однесување?

Веројатно рационалните согледувања во поглед на слободното време со кое располагаат сега моите родители. Веројатно можноста да се согледа дека секој е способен за многу работи само доколку има желба да ги направи. И дека ништо не е срамно или нетипично, дека ништо не е строго „машко“ или „женско“ во светот во кој живееме.

Но најмногу од сè, веројатно е сознанието дека некои работи од минатото едноставно не биле во ред, но никогаш не е доцна да го промениш своето однесување доколку вистински сакаш.

Не ти паѓа круната ако ги поделиш обврските со жена ти. Не губиш дел од машкоста и доминацијата. Всушност, не треба ниту да доминираш, треба да си еднаков и да го третираш и партнерот како таков.

Секогаш треба да се усогласиш според обврските и сопствените можности. И во секој момент можеш да „свртиш копчето“ на твоето воспитување доколку сметаш дека твоите родители некаде направиле грешка.

Сите ние може да се правдаме како сме научени вака или така и дека „не знаеме подобро“. Секако дека знаеме, секако дека умееме, секако дека може да се смениме, бидејќи доколку не созреваме и не одиме напред, тогаш што остана од нашиот род и прогресивност?

Се гордеам со моите родители кои и покрај патријархалното воспитување кое го делеле успеале да еволуираат и созреат во многу поинакви личности од нивните родители.

И што се далеку попрогресивни и поеманципирани за разлика од многу млади луѓе денес.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg