Не се лажи, добриот работник е добар без разлика дали во државна или приватна фирма!
Не е виновна државната работа другар, виновен е твојот недостиг од желба за работа.
Еден мој познаник успеа да стигне до функција во државна администрација. И така 7 години одеше на работа и погрешно протолкува дека ако си државен работник треба по автоматизам да се водиш од мотото „Клати врата, земај плата“.
Постојано кажуваше колку има работа, но потоа на лабава седенка ќе си се отвореше дека осумте работни часа едвај му минуваат, дека седи на телефон на Фејсбук цел ден и нема апсолутно никакви работни обврски. „Некогаш трчал за партија, па денес заслужува да лежи“, изгледа беше неговото мото.
И додека јас по 8 работни часа добро се препотував за да земам плата малку пониска од неговата, апсолутно во ниту еден миг не му позавидев на стилот на живот. Момчето кое учеше факултет и даваше зрак на амбиција во младоста се претвори во билка која по 8 часа секој работен ден чека да дојде 15 часот и да тргне дома.
Колку би се чувствувале празно ако одите на работа за да го чекате мигот кога ќе си заминете оттаму?
Нула страст, нула напредок, нула себенаградба... Му велам: „Зошто не се обидеш да се докажеш?“ Ми рече дека само ќе се фрустрирал и други ќе се кителе со неговото перје и сето тоа ќе било залудно потрошен труд.
Оправдувања, оправдувања, оправдувања...
„Во ред, а зошто не пронајдеш нешто приватно барем да работиш паралелно, да имаш нешто што ти предизвикува возбуда, адреналин, нешто што те тера да го дадеш максимумот од себе и те мотивира да бидеш подобар од тоа што беше вчера?“
„Ах, премногу сум добар јас за да слугувам на некој т.н. газда за ситни пари. Јас сум господин човек“, ми вели тој. Мислев се шегува, но потоа си велам ајде вака на зборови е добар, изгледа има квалитети навистина и си се цени себеси.
И по години минати на државна работа дојде мигот кога го доби статусот невработен и беше соочен да се снаоѓа како знае и умее. По некое време стана дел од еден приватен проект и сиот негов квалитет, поточно неквалитет, се виде на дело.
Мажот кој зборовите ги користеше како најсилно оружје и кој велеше дека има зошто некој го избрал него за државна функција, сега остана само на зборови. Постојано велеше што ќе направи, но на дело ништо не успеа да направи. Апсолутно никаков квалитет од него како работник не излезе на површината. Никакви познавања, никакви идеи, никаква ангажираност, никаков успех...
Изгледа годините минати лежење на државна позиција го направија само добар говорник што знае да си направи добра реклама, а соочен со реалноста покажа дека апсолутно со никаков талент и дарба не располага, туку само со желба некаде да вегетира наместо да живее, да седи наместо да работи.
И да беше како некој од неговите колеги, кои без разлика што се на државна функција, даваа и даваат сè од себе за на работното место, си ги исполнуваат работните обврски, па дури и грабаат по повеќе, сега соочен со предизвикот наречен работа во приватна компанија и тоа како ќе беше поткован и добро подготвен затоа што тој што е добар работник на едно место, ќе биде добар работник секаде.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело