Некои немаат услови да се иселат од детската соба, а други сакаат вечно да живеат во неа

Никогаш не го сфатив феноменот на нашите простори, особено кај женскиот пол, кога со некоја невидена тага потенцираат колку им е тешко што не се повеќе во родителскиот дом, после мажачката.

Nekoi-nemaat-uslovi-da-se-iselat-od-detskata-soba-01.jpg

Како бескрајно тагуваат, како плачат по својата детска соба, па го пакуваат куферчето и се враќаат секој викенд да преноќат под покривот на мама и тато.

- Тебе не ти е тешко без твоите? - ме прашуваа со чудење.

Секако дека не ми беше тешко. Не е дека ми беше лошо дома, напротив. Дома како дома, тато носи, мама меси. Подредено сè под конец, домашните обврски сведени на минимум. Како во секое типично македонско семејство, твое е само да учиш и да не береш многу гајлиња. За тоа се тука мама и тато.

Но, доаѓа момент кога конечно созреваш и навистина ти е потребно повеќе од четирите ѕида на детската соба. Потребен ти е поголем, свој простор, нешто што ќе си го нарекуваш твое. Потребно ти е да создаваш, да се помачиш, да покажеш утре кон нешто и да речеш – еве, јас го створив ова.

Макар тоа да било и едно купено тенџере, ти си го заработил.

Потребна ти е слобода, и ниту еден комодитет дома нема да го замени тоа чувство. Тоа е логичниот и природниот ред на нештата.

Да пораснеш и конечно да се отселиш од дома, затоа што си возрасен, свој човек, затоа што ти дојде редот да заработуваш и да излезеш малку од комфорната зона и затоа што – нема мама и тато да се вечно живи.

Знам дека звучи лошо и непријатно, но таа е вистината, а неа како да сме ја подзаборавиле сите.

Во ред е, сите знаеме каде и во какви услови живееме. Тешко е да се започне живот сам. Тешко е и со цимери, тешко е и за младите брачни парови.

Но, постои одредена категорија луѓе кои просто не сакаат да се иселат од дома, без оглед на условите. Зошто, ќе се запрашате?

Затоа што им е убаво. Затоа што се како бубрежиња во лој. Затоа што се како гости во хотел.

Навистина, има ли нешто поубаво од фактот да спиеш до 14 часот после пладне, да се разбудиш, а појадокот да те чека на масата? Навистина, малку се оладил, ќе треба да ѝ кажеш на мама да внимава малку на тоа следниот пат.

Па кафе, па цигарче, па тегнење по дома во пижами. Една серија, друга серија, трето кафе… ма што ќе вртам огласи, сè е наместено. Ма не ти работам за 250 евра. Не сакам да работам во смени. Не сакам да работам од дома.

Дома секогаш има топло ручече, а не морам ниту маса да раскревам. Имам 30 години и не знам да пуштам машина, хихи.

Мама уште ми ја средува собата. Леле колку се нервирам кога ќе ми ги измеша работите!

Татко ми ми дава пари за излегување и уште ми ја купува гардеробата. Не сум способен да направам ништо сам. Ама не ми е срам! Тоа се условите бе брат, таква ни е државата.

И утре се обидувате да се вклопите во општеството. Се мажите и жените и немате поим како е да се живее самостојно. Не знаете да си направите еден ручек. Немате поим како се пушта машината за алишта, чистењето е под вашето ниво.

Многу сметки бе, од каде излегоа волку?

Несреќни сте, па единственото логично решение е да се вратите дома. На безбедно, таму каде што ве чувале, мазеле и пазеле како под стаклено ѕвоно.

Немој да ми се испоти случајно детето, мама е тука. Не мачи се злато, тато стои зад тебе.

Некој толку многу посакува да излезе од таа детска соба, а друг се моли никогаш да не се отсели од неа.

Овие првиве не дозволуваат ништо да им застане на патот. Грабат и гризаат, паралелно работат и студираат. Отишле веќе 3 пати до Америка со Work&Travel. Работат хонорарно, прават планови, кројат иднина.

Овие другиве не кренале ништо потешко од рачката на конзолата за видео игри и просат 100 ден. за кафе од тато или кришум ѝ шепкаат на мама дека им дошол циклусот, па треба да им се купат влошки.

Првите успеваат. И животот и Господ и судбината ги сака вредните. На крајот, порано или подоцна, ќе бидат наградени.

Вториве не мора да ги барате. Дома се, дремат под покривачот во детската соба со сите плишни мечиња, преплашени од животот кој никако не може да им започне.

„Мамоооо, свари едно кафе“…

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg