Во животот нема застанување, нема откажување...
Беше петок, порано излегов од работа за да одам до најблиската слаткарница за да купам трилече. Се договоривме со моите дами дека во петок после ручек ќе се почастиме еден сладок десерт. Купив точно 5, по едно за секој, три парчиња за моите три цвета, две парчиња за мене и за сопругата и побрзав да стигнам, тие сигурно беа заборавиле на договорот и ќе се изненадат кога ќе го видат во фрижидерот. Ги обожавав нивните насмевки, без разлика која беше причината за нивното создавање.
Стигнав дома сакав да ја поставам масата, но никаде не можев да го најдам чаршафот кој мојата сопруга го користеше и ми текна да се качам до собата. Најмалата ќерка беше таму. Обично тропнувам на вратата, но овој пат забрзан да средам сè пред да дојдат останатите заборавив и влетав во собата.
Ја видов мојата тинејџерка расплакана. На своите 17 години таа ронеше солзи како да се срушил светот. Проба да ги скрие, но веќе беше предоцна. Си помислив сигурно некое момче, некоја кавга, некоја неостварена симпатија.
„Што се случи сине, зошто толкави солзи?” Не знам зошто, но моите ќерки при обраќање ги викав сине, чудно, но ете навика.
„Ќе помине, детски глупости, остави ме мене, кажи што треба” – типично тинејџерски се побуни мојата расплакана среќа.
„Кога веќе сум тука сакам да зборуваме, што е тоа што те мачи, ајде на стариот твој татко, кој не знае ни чаршафот за масата каде се наоѓа, мора да му кажеш, ќе има сигурно некоја мудрост што ќе те насмее и ќе ти помогне. Кого треба да искршиме од ќотек?”, реков јас инаетливо очекувајќи одговор.
„Зошто јас тато? Што ми фали мене и зошто сите други изгледаат поубави, понормални, без мана,без никакви лузни и белези, како моите. Зошто тие сите погрдни зборови, исмејувања, зошто такво одвратно чувство. Зарем светот е способен да те повреди толку, што сум згрешила?
Ме праша зошто плачам, плачам бидејќи се чувствувам како најгрдата девојка која што некогаш постоела во нашиот град, која ќе остане сама засекогаш. Како никогаш да нема да можам да ја почувствувам среќата поради тоа, како животот да ми ги одзеде можноста да живеам нормално, уште пред да го запознаам. Плачам бидејќи се чувствувам оштетена, без да бидам виновна, затоа плачам.“ Рече таа пуштајќи река од солзи.
Секоја солза ме корнеше и ми го параше срцето, како нож кој полека гребе по телото.
„Еееј, чекај малку од каде тие зборови” – Реков јас галејќи ја по косата во обид да ги избришам нејзините солзи.
„Дозволи ми да ти кажам нешто, ќе се обидам да користам што е помалку клише реченици за да можеш да ме сфатиш подобро и да знаеш дека тоа го мислам од сè срце. Светот оди напред затоа што различни луѓе, со различни идеи, чудни фризури, разни недостатоци и маани не се откажале. Не останале дома затворени во плакарот, а помислиле, сигурен сум дека помислиле многу пати. Зошто има моменти кога ти е премногу од сè и најлесниот излез е да се откажеш.
Но што ако останеле дома, се затвореле во четири ѕида давејќи се во солзи?
Тоа нема да ги спречи луѓето пак да зборуваат. Ме праша зошто го прават тоа, затоа што на светот постојат такви личности кои се хранат од туѓата несреќа, на крајот ќе завршат сами и празни, баш како и животот кој го воделе. Оној кој креира пепел, на крајот ќе се опкружи со него и ќе се задуши.
Ти моја малечка, нешто сигурно се збуни, бидејќи ти си најубавата девојка која што јас сум ја видел. Погледни ги тие кафено-зелени очи, таа прекрасна блескава насмевка, твојата смеѓа коса, но знаеш што, дури и тоа е неважно. Можеш да си дебел или слаб, да имаш долги нозе или кратки, да обожаваш фустани или да мразиш фармерки, кратка или долга коса. Да бидеш едно или друго, но важно е она што го имаш внатре.
Тие чувства мила моја, таквите креации кои ги имаш во главата, желбата да бидеш успешна, твојата почит кон светот, емотивноста и твојата смисла за хумор. Тие те прават една светулка која го осветлува мојот пат дури и во најтемните денови. Ти мила моја си различна од другите, да, но ти си посебна, во секој можен поглед. Будала би бил оној кој не знае да ги цени, а само затоа што не се појавил, не значи дека не постои.
Животот не ти ги скратил можностите, животот ги дава можностите. Прашањето е дали ќе дозволиш лошите зборови на другите и малата несигурност во себе да те натера да се затвориш и да не дозволиш таа светлина да ги заслепи сите останати кои тоа не го гледаат или ќе излезеш и ќе покажеш што имаш. Тука сум, јас сум, таа на која и се смеете,таа посебната на која и лепите етикети, посилна од никогаш, различната, која е спремна да го освои светот, јас.
Ти си многу силна, си покажала многу пати од денот на твоето раѓање. Ме имаш мене, не имаш нас, имаш еден грст пријатели. Далеку си од тоа што го замислуваш, избриши ги солзите и дај ми една искрена насмевка.”
Ме прегрна како никогаш дотогаш, ги избриша солзите, го намести своето венче на долгата коса и ми помогна да го поставиме чаршафот на масата. Си помислив, колку може да е суров светот, но тоа требаше да го слушне секој, што и да било, го земаш тоа што ти е дадено, туркаш напред со крената глава, зошто во животот нема застанување...
Не ми требаше трилече тој ден, нејзината насмевка после тие солзи и фактот што го разбудив жарот во неа, беа доволен десерт за тој ден.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело