Батали ги садовите, фати некој што ти значи под рака и излези да си го живееш животот
Ја сакам мајка ми поради стотици причини, но една од работите кои најмногу ги сакам кај неа е што е еволуирана во жена на која не ѝ е гајле за ништо! Корекција – не ѝ е гајле за небитните работи, работи на кои ние помладите губиме толку многу време и енергија во животот.
Да расчистиме веднаш, не била мајка ми отсекогаш ваква. Секако дека во младоста се потресувала како што се потресувам јас сега, но со текот на годините сфатила дека тоа не е ништо, освен губење драгоцено време.
Таа толку ја има усовршено мантрата – од едно уво влегува, од друго излегува, што просто може да ѝ позавидите. Нема време за плитки муабети и површни луѓе. Ја набљудувам додека разговара со некои емоционални вампири, се смешка со некој блажен израз на лицето и само кима со главата, а со умот е на некое помирно, поубаво место каде не ја допираат глупостите. Не губи време и енергија на празноглавци и лошотии. Споделува едно куртоазно здраво-живо и си го тера денот понатаму.
Не се преморува со кој што рекол и како можеби го мислел сето тоа. Во превод – не се обидува повеќе да чита меѓу редови, нешто на кое ние губиме толку многу време, ги анализираме разговорите до бесконечност и пак немам поим којшто сакал да каже.
Секако, до таа зен фаза не се стигнува преку ноќ. Треба да изедеш многу фурни леб пред да сфатиш дека децата не се целиот твој универзум и дека еден ден излегуваат од домот, а ти остануваш со сопругот, човекот со кој си го делела и продолжуваш да го делиш остатокот од твојот живот. Факт кој многу млади жени на денешницата го забораваат.
Треба да помине навистина многу време додека да сфатиш дека не мора сè да под конец, не мора сè да држиш под контрола. Дека не е крај на светот ако си легнеш, а садовите дремат неизмиени. И утре е ден, ќе се измијат. Никој нема да ти даде медал за најдобра домаќинка на светот. Нема да ти се оддаде признание заради твојата вешто наместена трпеза, сите твои домашни колачи и месени кифли. Убаво е да се средува по дома, не е убаво да се забегува.
Светот на жената е многу повеќе од беспрекорно среден дом, и совршено испеглани чаршафи и претерано загрижена мајка и најдобра домаќинка на целата улица.
Жената не е некоја празноглава кукла која мора да трепка и да се смешка, да трпи секакви луѓе и секакви глупави муабети само затоа што така е пристојно и културно.
Мајка ми е во фазата во која навистина не ѝ гајле што рекле луѓето, колегите, комшиите за неа. И навистина го мисли тоа, не глуми дека не ѝ е битно, а навечер да си ја закопува главата под перница со солзи и илјада прашања – ама зошто, ама зошто?
Ослободена е од товарот на туѓите погледи и предрасуди, затоа што сфатила дека е залудно губење време.
Верувам дека живее како во приказната со мистериозните кутии и ливчињата со одговори, ја отвораш едната кога ти е најубаво, и на ливчето пишува – И ова ќе помине; ја отвораш другата кога ти е најлошо во животот и на ливчето пишува – И ова ќе помине.
Навистина, сè поминува и времето не се враќа назад. Тоа не ги простува глупавите кавги, губењето време, залудните нервози и паника и потреси… тоа е немилосрдно, одбива да ги врати стрелките и да те врати на почетокот со искуството, каде што може да живееш побезгрижно, поопуштено, посреќно.
Наместо тоа, го имаш мигот, денес и сега, да престанеш да се грижиш за глупостите, да не си ја труеш душичката со ти реков-ми рече, да им се насмевнеш на злобниците, да им мафнеш на оние кои ти ги коментираат вишок килограмите.
Да ги баталиш садовите за миење, навлаките од перниците за пеглање, зимниците за собирање, да го фатиш маж ти под рака, пријателките, кучето, мачето, некого и нешто што ти е навистина битно и ти предизвикува насмевка. Да излезеш, да подишиш воздух, да го впиеш секој нов ден со радост, додека сите глупости испливуваат и испаруваат од тебе. Додека не те боли уво за ништо од небитните работи.
Ете, така си живее мајка ми. И се обидувам да стигнам на местото каде што е таа сега. Не знам колку време ќе ми биде потребно.
Не знам ни вие до каде сте со животот.
Важно е само еден ден сите да стигнеме каде што е таа сега.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(O)Милена | Црнобело