Здраво скопски угостители со ставот „Многу ми е гајле ако не дојдеш повторно, си имам јас гости“
Здраво скопски угостители! Ви завидувам на способноста како можете со толку многу високи цени и со толку малку внимание и почит кон вашите гости да заработувате толку многу пари.
Но, најмногу ви завидувам на муштериите (ние сме тие, да), една толпа телиња и овци кои и покрај тоа што безмилосно ги шишаат, упорно се враќаме по нови фризури.
Такви луѓе нема на светот. Само тука може да те третираат одвратно како гостин, само тука може да го добиеш најужасното кафе на светот, само тука може да добиеш труење со храна – и пак да се вратиш по репете во истите „кафиќи“.
Оти демек – нема други, па каде да одиме? Па никаде не мора да одиме додека нашите газди не се научат на малку памет и почитување кон оние кои им ги полнат џебовите.
Еве го последното коешто ни се случи во урбан скопски локал – после една платена сметка, решаваме дека сакаме да каснеме нешто слатко, а во оскудното мени има само благи палачинки. Ок, замолуваме ако може да не ставаат шлаг и плазма, да ја поедностават ако може, на што келнерот толку многу ги врти очите што мислам дека му доаѓаат на задниот дел кај тилот од главата.
Се враќа со една немарно плесната палачинка на чинијата, која плива во чоко-прелив и мелени ореви. Мојата другарка со радост ја чека палачинката, бидејќи е веќе во осмиот месец од бременоста и внимава на количината шеќер која ја јаде, па ова слатко задоволство доаѓа како мала награда.
Нормално, се разочаравме двете. Искрено, не сме луѓе „пицајзли“ кои бараат влакно во јајцето. Јас ретко и се бунам, немам некако енергија и волја да се спорам со луѓе за вакви работи. Мислам дека имаме доволно проблеми во животот, за да одам и жестоко да се расправам за утнато јадење или промашено кафе.
Но, не сум во право. Затоа што ТРЕБА ДА СЕ БУНИМЕ. Затоа што ние плаќаме 160 ден. за една палачинка чиј трошок на правење се сомневам дека изнесува повеќе од 30-40 ден.
Мојата убава трудница решава да си побара нова палачинка. Во менито пишувало крем, нам ни донеле сосема друга. Да сме знаеле дека е со чоко-прелив, немаше ниту да ја нарачаме. Станува со чинијата и по некоја минута тажно се враќа со истата палачинка.
Бидејќи господата угостители од локалот се спореле со неа. Со жена во 8-ми месец од бременоста која се пожалила на храната. Да не се сфатиме погрешно, кој и да отишол да се пожали на нешто од услугата треба да биде сослушан. Не е важно дали си маж, жена, трудна или не. Ти си муштерија и ти плаќаш. Живеат од таквите како тебе, таквите како нас.
Нејсе, ја вратија на масата со истата фамозна палачинка. Не пишувало крем во менито, пишувало чоколадо. Каде беше тоа чоколадо, не сфатив. Има разлика од чоколадо и чоколаден прелив. Во ред е, врвни суетни гастрономи.
Што заштедивте со тоа спорење со клиентот, исто така – не сфатив. Угледот и образот секако не го заштедивте, затоа што ви е уништен. И нормално дека не ви стапнуваме повеќе.
Вие угостителите што го читате ова, секако дека се смеете. „Многу ми е гајле, си имам јас гости, нема да престанат да ми доаѓаат“.
Ма секако дека нема. Секако дека нема да престанеме да ви доаѓаме на чаша цеден сок од портокал, за чија цена ќе купиш 3 kg свежо овошје. Секако дека нема да престанам да ви доаѓам на пиво 3 пати поскапо од набавната цена.
Секако дека нема да престанам да го посетувам локалот, бидејќи знам колку многу ви е мачно и тешко во животот и сакам да ве поткрепам. Не е важно што во помалите места цените се 2-3 пати пониски, односно нормални, а тие луѓе успеваат пак да заработат.
Само вие не успевате да се задоволите со прометот и профитот. Да, знаеме дека вие ја имате киријата со астрономска цена, па така успевате да ги оправдате високите цени набилдани до таванот.
Само што заборавате дека кај вас дневно влегуваат илјада луѓе, а кај тие во помалите места одвај стотина. Немојте да се преправате како да не знаеме сите проста математика.
Секако дека нема да престанат да ви доаѓаат луѓе за просечните исфалени бургери со европски цени, секако дека ќе замижиме на ладниот помфрит, на топлите сокчиња, на влакното во јадењето, на грубиот однос на келнерите и уште полошиот на сопствениците на локалите.
И нема да добиеме замена за јадењето, ниту извинување, ниту ронка култура и благодарност.
Ние си имаме фалинка. Вие не сте виновни за ништо. Вие само богатете се.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело