Сѐ додека не е на моја кожа ќе си ќутам, ќе си траам!
Зошто станавме имуни и незаинтересирани за неправдите што им се случуваат на луѓето околу нас?
Гледаме како момчето ја изневерува нашата пријателка, како крадецот трча со чантата украдена од старата госпоѓа, како шефот му врши мобинг на колегата, како соседот на трети кат мир не им дава на тие околу него, но ние сме на седми и не мрзи дури и да ги слушаме неговите поплаки на куќен совет, ги гледаме проблемите на другите луѓе, но свесно се правиме слепи.
Зошто да се мешаме кога тоа не нѐ допира нас? Тоа не е наша работа, нема потреба да си го пикаме носот каде што не му е местото.
Не ми е јасно каде на патот од растењето од дете кое се нервира затоа што учителката му повишила тон на другарчето од клупа или затоа што Марко на Јана не ѝ позајмил ножички на училиште, станавме возрасни луѓе преполни со себичност.
„Јас, јас, јас“ и ништо друго не е важно. Сѐ додека јас сум на безбедно не ми е грижа што им се случува на другите. Бомбашки напади, терористички акции, силувања, урагани го тресат светот, но добро е, не е страшно, се случува таму далеку, тука нема да дојде. Мобинг, сексуално вознемирување, кражби, неосновани бркања од работа, провали, болести се случуваат во нашиот град, но добро е, не ни се случува нам.
Не е на наша кожа, па зошто да се заморуваме со тоа? Нека си страдаат повредените, ние сме непобедливи. Носот во облаци и си тераме гордо. Напорно ни е дури и да ги слушаме приказните на оние што нѐ „трујат“ со негативност.
Но, за жал, порано или подоцна ќе дојде денот кога неправдите ќе пристигнат на нашата адреса. Ќе бидеме изневерени, повредени, болни, нервозни, ограбени, оштетени, погазени и тогаш ќе започнеме да ја гледаме големата слика. И дури тогаш ќе ни се отворат очите дека требаше да го поддржиме соседот на куќниот совет, угнетената колешка на работа или ограбената госпоѓа на улица. Тогаш ќе сфатиме дека несреќите и неправдите не бираат според раса, вера, социјален статус, не постојат критериуми, кои ете ги исполнувате и сте заштитени во стаклено ѕвоно за до крајот на животот.
Да ја разбудиме човечноста во нас, да се оспособиме за емпатија... Тоа што сега се случува таму далеку некому, утре може да ви се случува вам.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: С. С. | Црнобело