Каков подарок за роденден сине, па мама ти направи торта

Она што особено го обележува денешното општество покрај несопирливиот развој на технологијата е нашиот ненаситен консумеристички апетит. Имено, сакаме да купуваме до бесконечност.

kakov-podarok-za-rodenden-sine-pa-mama-ti-napravi-torta-001.jpg

Сакаме да се облекуваме, китиме, сакаме да трупаме работи во ќеси и така напарфимирани да шетаме измешани помеѓу луѓето, небаре купувањето нè прави подобри, попаметни, позадоволни или поголеми луѓе.

Неодамна прочитав нешто истовремено смешно и тажно, но толку вистинито: Не можам да се решам дали да си ги изедам или купам чувствата денеска.

Сите до еден мислиме дека купувањето работи нè усреќува, што донекаде можеби е така, барем во првичниот момент. Тоа чувство на полни ќеси, моментот кога ги кинете етикетите на новата облека, ги испробувате новите шминки, го прскате новиот парфем меѓу зглобовите.

А потоа, понекое кусо време, како што на малите деца им здосадуваат играчките така и нам ни е веќе сеедно. Не може едно парче облека да те весели на подолги патеки, доколку причината за твојата несреќа е вкопана на сосема друго место.

Особено претеруваме во купувањето работи за другите. Убаво е да се купува и подарува, но ние како да претеруваме. Стана како еден вид натпревар, што купи ти? А јас? Ааа, моето е малку поскапо, но поквалитетно.

Си ги одмеруваме силите преку купување. Купуваме нечија наклоност и љубов преку подароците. Роденден му е на малово, се мислам помеѓу таблет или автомобилче на акумулатор. А колку полни? Па 6.

Знаете ли што добивавме ние од родителите за роденден? Торта. И тоа што ни правеа родендени нормално, тоа се сметаше за подарок.

Се сеќавам кога ја прашав мајка ми – зошто не си подаруваме работи за Божиќ како на филмовите? – Затоа што се чисти глупости.

Мамо, а ти мене што ми купи за роденден? – Како што сине, па торта ти направи мама.

Сега звучи смешно, како да сме биле најкутрите изгубени дечиња. Денеска сигурно би им викнале социјални служби на вратите на нашите родители, демек толку не се грижеле за нас, запоставените дечиња. Демек, види ги будаливе, торта за роденден, хехе.

Што му купивте на малиот за првиот роденден? Хммм, еве не знам навистина што би му се купило на мало бебе кое не знае да покаже каде му е носето, а каде газот за величествениот прв роденден.

Мене мама и тато ми купија комплет ски опрема, а следната може ќе добијам и апартман во Банско. 17-годишник. Честитки. После се чудиме како на младиве им е толку многу досадно. 

И сето тоа купување подароци и кога треба и кога не треба просто уморува. Подароци за роденден. Подароци за 8-ми март. Подароци за Нова година. Подароци за имендени, за слави, за 3-месечнини од врски. И никако нешто мало, ситно, симболично, па не сакаме да бидеме прости.

Мегаломански големи и скапи подароци, небаре така ќе ја скриеме својата оголена душа и недостигот на креативност. Небаре некој ќе земе и ќе нè покажува со прст, ќе ни се смее ако однесеме некое мало ситно подароче. Впрочем, сигурна сум дека ќе биде така, ништо чудно да ве издвојат од толпата ако однесете скромен подарок, било на свадба или роденден.

Затоа сме принудени да трошиме огромни суми на подароци, пари кои ги немаме, апарати кои и самите не ги поседуваме, но никако не смееме да се посрамотиме. Да се однесе најубавото, најскапото, да се покажеме пред другите.

Не е важно што дома ќе трпиме сите и ќе мизеруваме остатокот од месецот заради тој скап подарок којшто сме го однеле.

Кога сите почнавме да се однесуваме така? Знаете ли колку скромни подароци се носат на новите брачни парови во другите поразвиени и посилни економски општества? Како ние со нашата скромна парична моќ купуваме најскапи подароци?

И повеќе – што менува сето тоа? Дали односите се подобруваат со тие скапи подароци? Дали роднинските врски се одржуваат, дали љубовните врски успеваат само затоа што луѓето си размениле некакви си подароци со висока сума на етикетите?

Сериозно не ни требаат скапи подароци, а сигурно не за сите можни пригоди во годината. Подобро ќе биде да си посветиме внимание едни на други. Да седнеме да пиеме кафе и еден час никој да не го допре својот мобилен телефон. Да се сослушаме, да поразговараме како луѓе, да се дружиме и смееме.

Зарем не е тоа најдобриот подарок кој може да го добиеме?

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Кога стана толку безобразно скапо да се излезе на „пијачка“ во Скопје? Јас сум од времето кога џин-тоник беше 60 денари, шише пиво се продаваше за 50, ...
„Кога мајка ми дојде на гости, ми ги зготви сите омилени јадења и домот ми беше беспрекорно чист“ „Си играше со моите деца, беше до продавница, го прошета кучето... Се прашувам з...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
За жените по 40-тата животот допрва почнува! По 40-тата, жените престануваат да бројат калории. Затоа што љубовта, интересот,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg