Тргнете ги погледите од таблетите и телефоните и воспитајте си ги децата
Не знам од што материјал се направени денешните родители, ама просто лицемерно и нехумано е како на сета таа бескрајна нега и грижа кон децата истовремено одгледуваат толку невоспитани, некултурни суштества.
За што ти се виновни дечињата? За што е виновно детето кога прави неред, истура сок на плочките и згора на сè мисли дека тоа е страшно интересно?
Кога никој не му обрнува внимание и не му укажува дека тоа што го прави не е во ред, кој е тој механизам кој ќе му предочи дека е забрането сладоледот да го маваш од ѕидот?
Што сè не се изнагледав деновиве... само затоа што си на одмор, односно не си дома, не значи дека кон работите треба да се однесуваш како некоја мала штеточинка.
Сериозно прашувам, од што материјал сте направени вие родители кога гледате како детето уништува мебел, превртува столчиња и моча врз лежалката, а вие ладнокрвни, камен да ве удри – нема да се мрднете од место.
„Па дете е“... каков врвен аргумент. Да, дете е, твое и невоспитано. Сега крени го во раце со цели 6 години и носи го затоа што го мрзело да оди. Немој случајно да пооди, да се помачи малиов принц или принцезава.
Никако немој да создаваш здрава, агилна, вредна и воспитана единка, направи го паразит, бучен и некултурен. И не испуштај го од раце, попрво кила добиј, ама детето не смее да го болат ноџињата.
И што е со тоа неконтролирано пиштење и вриштење? Такви крици и по дома ли трпите? Се развриштело, се вцрвенило, ни самото не знае зошто.
Како бре не се заинтересиравте што му е? Како не можете да го седнете и да му објасните дека просто срамота е на тие години да се однесува како мал разгален глупчо?
Одат и се удираат во луѓе, ко намерно да е, ниту извинете, ниту една мала насмевка. Немаат срам, ниту усул за ништо.
Нападни, гласни и бучни, во состојба се на сите да им се качат на глава, а вие да не мрднете со мал прст. Односно, го мрдате, врз таблетот и телефонот.
На плажата долетаа галеби некаде пред зајдисонце. Почнаа да се движат помеѓу лежалките, грациозни, прекрасна глетка. Јас си помислувам – леле дечињава којзнае колку ќе се израдуваат, кој видел галеб од толку блиску?
Дали верувате дека земаа папучи во раце и почнаа да ги маваат галебите... кој ментален склоп и воспитување треба да го имаш за да земеш да напаѓаш невино животинче или птица?
Таткото малку како да се засрами после третото мавање кон галебот, па се обиде да го одврати детево од суровата намера. Мајката како комирана одвај ги одлепи погледот и прстот од телефонот.
Ниту изреагира некако, ниту кажа нешто, ниту се обиде да интервенира. Ниту пак се загрижи што одгледува мал Џек Мевосек под својот покрив. Што ѝ е гајле, на одмор е жената.
„Ми треба одмор од детето“.... колку пати сте го слушнале ова? Погоди што – немаш право на одмор. Освен ако детето не е кај баба му и дедо му, сè додека е во твоја непосредна близина, соочи се со вистината дека родителот нема право на одмор.
Дека животот нема да ти биде истиот како пред детето. Дека е многу поразличен, бара жртвување и многу, многу работа.
Си создал нов живот, си направил нешто толку прекрасно и после првите 3 години тебе ти е напорно, досадно, мачно. А ваму уште глумиш загрижен родител.
Па дали да му купам на детето вакво млеко за сончање, знаеш многу ми се несигурни овие поевтиниве, кожата им е нежна и деликатна, па дали да му ја купам оваа четка за косичката, немој да му се изиритира скалпот....
Дај бре не глумете лудило. Нема да ги купите децата со материјални работи со кои се обидувате да ја замаскирате вашата негрижа како родители. Нема да му го освоите вниманието со таблетот и бескрајните повторувања на Маша и Медо, кои веќе ги научило напамет.
Досадно му е, бесно е, рика и плаче, невоспитано е, некултурно. Секако дека такво ќе биде, каков поинаков епилог очекувате од вашето себично однесување?
Детето сака внимание, сака да се однесуваш со него како кон возрасен. Сака да му зборуваш, да му одговараш сериозно на прашањата кои ти ги поставува. Нема да се задоволи со одговор како „Не знам“, „Престани да прашуваш“ или „Епа зашто така е“.
Е зошто е де?
Децата сакаат да играат, бараат внимание. Нема такво дете кое не може да се заинтересира и за книга и за лектири и за боенки доколку го имате трпението и вистинскиот пристап. Најлесно е да му се пушти цртан на таблетот, да му се тутне телефонот во рака или да игра на компјутерот.
Другото е потешко. Да го заинтересираш да чита. Да сака да црта и да бои. Да си игра со другарчиња, да сака да се дружи. Да сака животни, да негува цвеќиња, да не уништува работи. Да го научиш на почит и благодарност. И на зборот тишина. И послушност.
Родители, бидете совесни. Не повторувајте ја истата грешка која вашите родители очигледно ја направиле со вас. Одгледувајте умни и воспитани дечиња. Или воопшто не ги правете.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело