Ако шлаканицата не е насилство, а контролата од дечкото е нормална работа, тогаш вие сте ненормални

Нема ден да не те потсети нешто дека живееме во ултра модерно време. Сите навики се сменија, сите вредности се изместија. Нé исмејуваат за дозата носталгија кога си го споменуваме минатото како некој добар дух да нé разведри во ова време-невреме.

ako-slakanicata-ne-e-nasilstvo-a-konstrolata-od-deckoto-e-normalna-rabota-togas-vie-ste-nenormalni-001.jpg

Сите сме со погледот наведнат и некаде длабоко вкопан во содржините кои се кријат во мобилните телефони. Сите сме со таблетот по дома, сите сме во „фрки“, сите сме во гужви и сите сме „се слушаме од утре за кафе“. И никогаш не седнуваме да го испиеме тоа кафе.

Особено интересен феномен се мајките на денешницата. Тие се толку загрижени, толку опседнати со тоа да изгледаат прави, здрави, совршени дечиња. До граница на посесивност и лудило. Ќе купуваат флаширана вода дупло поскапа од нормалната, затоа што првава ја препорачувале педијатри за здрав развој на бебињата.

Сите ги игнорираат фактот што самата компанија признава дека тоа е сосема истата флаширана вода, само поскапава има поубава етикета. Мислите дека го купувате здравјето на вашето малечко, кога всушност ја плаќате етикетата со насмеано бебе.

Само ги разнесувате децата наоколу на 1001 активност. Моето оди на часови по клавир и на одбојка и на англиски, а веќе размислуваме да ја пуштиме да учи и германски. Знаеш, си треба, во тоа е иднината.

А колку години има? – Па 4.

Сé се претвори во еден вид натпревар, чие дете имало погламурозна прослава, чие дете како се облекува, на колку активности оди, со кои другарчиња се дружи. Дури и дел од наставничките го поттикнуваат ваквото однесување испрашувајќи ги каде планираат да го поминат летниот распуст. Оди објасни му на твоето дете зошто Мила ќе оди дури на 5 места летово, а ти не можеш да го однесеш ниту до Охрид.

Сами им создавате набој на незадоволство и фрустрации. Самите си ги унесреќувате, што е прилично тажно кога толку многу се тупате во гради за нивната среќа.

Ај што ги правите децата неспособни со тоа што им ги пишувате домашните задачи, им ги цртате цртежите до ниедно време од ноќта, што уште им местите книги во ранчето, што бркате луѓе да им преведат 5 странички англиски (зошто тогаш трошите пари на курс по англиски, повеќе од очигледно е дека детето е неталентирано и неспособно).

Ај што децата ви се мрзеливи затоа што не им давате ништо да сработат сами, затоа што потајно си се натпреварувате со другите родители, што немате доволно вид и слух да видите со каков потенцијал располага детето, туку од мали нозе го туркате кон нешто што се покажало успешно и профитабилно во светот.

Ај што децата ви се крајно невоспитани, а вие аплаудирате на ова однесување па дури и го поттикнувате на агресија. Нема мене некој тука да ми се истура на детето и да ми го полни негативна енергија и фрустрации, нека покаже заби.

Ама има разлика помеѓу цврст став и сопствено мислење и недолично и некултурно воспитување. А, вие сте екперти по второво. Па, уште ги охрабрувате.

Така така сине, порачај ѝ на тоа учителката неписмена кој е тато, да не дојде да ѝ покаже.

Ајде да се обидеме да прејдеме преку сите овие работи, затоа што вие сте упорни со тоа дека децата се ваши (ваши си се, никој не сака да ви ги земе такви, верувајте) и вие знаете што е најдобро за нив. Иако не можеме да прејдеме преку тоа, што создавате генерации и генерации мрзеливци и неспособни без’рбетници. Тие се иднината на ова општество, а ние се прашуваме зошто е неуспешно и тоне. Па, погледни ја младината и ќе ти стане јасно.

Се обидуваме да ве сфатиме и да ви прогледаме низ прсти, ама вие сте невозможни. Не можам да сфатам како самите сте станале толку дефектни. Дали и вие сте повлекле од вашите родители, па сега тоа им го пренесувате како лош вирус и на вашите деца?

Имено, според истражувањето спроведено на територијата на Битола, Охрид и Ресен во кое 1.200 млади лица одговориле на прашалникот, се покажало дека шлаканицата не е знак на насилство и дека контролата од страна на дечкото е сосема нормална работа. Нема ништо чудно во тоа.

Значи сега некој да земе и да ѝ мавне една добра шлаканица на вашата 14-годишна ќерка, затоа што претходно и го прегледал Фејсбукот и видел нека некој ѝ пишува, таа нема да мисли дека ова однесување е насилно. Напротив, мисли дека е сосема нормално, дека така треба. Дека тоа е составен дел од секоја денешна врска или уште полошо – дека го заслужила.

Абре вие родители разговарате ли со своите деца? Освен гледање турски серии правите нешто друго во животот? Освен желбата да се истакнете преку своите деца кои очигледно ви служат само за парадирање пред друштвото и роднините, не ви е воопшто гајле каква индивидуа ќе пуштите во светот?

Не ве интересира дали вашата ќерка ќе има доволно самодоверба, ќе биде доволно силна да се заштити и да се одбрани? Дали ќе има свое ЈАС и цврст став околку одредени прашања? Дали ќе реши да ја добие почитта на луѓето околу неа или ќе биде сервилна мома и чергиче за бришење чевли?

Не ви е важно во каков човек ќе израсне вашиот син? Ќе биде ли сексистички и шовинистички мачомен со агресивно однесување и насилнички манири? Ќе биде ли некој кој ќе ги почитува жените или ќе им врзува шлаканици да ги научи за нивно добро?

Вие вака си правите по дома со сопругот? Вашите родители така се однесуваа пред вас и тоа ви е сосема нормално, па и децата ги труете со вакви ставови од темниот век?

Според годините на вашите деца вие не би требало ниту да се приближувате накај 50-тите години од животот. Повозрасни, стари луѓе имаат попрогресивни ставови од вашите. Каде залутавте бре луѓе, што им правите на децата?

Знаете ли која е смислата на постоењето? Да оставите барем еден подобар човек од вас позади себе. Сметате ли дека вашето дете е подобар човек од вас? Ќе живеете ли мирно, без грижа на совест ако син ви е тепач без грам воспитување и почит кон жената?

Ќе се гордеете ли ако вашата ќерка е празноглава кукла која не знае да собере 2 и 2, ама најважно е дека имала најскап матурски фустан. Абе ти не знаеш, кукла беше.

Токму тоа, кукла што трепка со клуче за навивање, а клучот е во џебот на мажот. Ако реши да ја навие можеби ќе прозбори, во спротивно ќе си молчи.

Ако сте решиле да одгледувате вакви деца и упорно да создавате неспособни генерации, барем бидете си на чисто самите со себе. Не мора да ги носите на англиски и на одбојка и на флејти, на танц, на чуда и врагови. Не мора да глумите дека создавате еманципирани, пристојни, културни, самостојни и паметни млади дами.

За таквите кои мислат дека удирањето шлаканица е нешто сосема нормално и контролата од дечкото е пожелна, не им се потребни активностите со кои ги малтретирате. Не им прават никаква разлика. Нивната судбина е веќе запечатена.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg