Марфиеви закони за семејниот одмор
Децата се нашето најголемо богатство. Тие се златца, душички и неретко мали ѓаволчиња кои ни го кинат последниот нерв. Сепак, ништо не може да се спореди со нивната мила насмевка, малите рачиња со кои ве гушкаат и мирисот кој го чувствувате додека ги душкате додека го нуркате носот во нивните меки косичиња.
Сепак, во моментите кога се подготвувате за семејниот одмор имате чувство дека пакувате половина од работите во домот. Ве фаќа паника и нервоза и како за инает иако сакате сé да помине во најдобар ред, работите тргнуваат наопаку...
Ова се 10 Марфиеви закони кои важат за семејниот одмор:
1. Ноќта пред да тргнете на одмор по некое непишано лошо правило вашето малечко ќе крене температура, ќе настине или ќе си ја скрши раката. Сепак, цврсто ги стегате забите и одлучувате да издржите – ништо не може да го расипе долгоочекуваниот одмор.
2. Ќе побара да мочка само 3 секунди откако конечно сте тргнале, иако било во тоалет непосредно пред почетокот на патувањето. Откако ќе се испрепотите барајќи тоалет и ќе им се извините на сите околу вас, малечкото ќе реши дека сепак не му се мочка.
3. Ќе одбие да ја јаде храната во ресторан, иако е истата што ја обожава дома. Само во ресторанот оброкот е 3 пати поскап.
4. Колку и да се обидувате, задолжително ќе заборавите нешто при пакувањето. Резервни пелени, полначот за телефон, паста за заби (нормално, ја носите детската паста за малечкото, но не и онаа за вас и сопругот) или ќе ја заборавите неговата омилена играчка. Плачките по играчката ќе траат од прилика некаде до осмиот ден од 10-дневниот одмор.
5. Помирете се дека нема да имате ниту една совршена фотка од вашето малечко како мило се смее во слатките комбинации на облека кои грижливо ги планиравте и спакувавте во куферот. Наместо тоа ќе имате полн албум фотки каде што се валка во песокот, се мрсулави, плаче, целосно е покриено со сладолед или спие. Ако, и тоа е убаво.
6. Во вечерните часови кога ќе сакате да украдете малку слободно време со сопругот, дечињата се будно ококорени и имаат енергија до таванот, иако после вакви исполнети денови дома заспиваат уште во 21 часот.
7. Ќе се пакувате околу еден час за на плажа, а кога конечно ќе пристигнете и ќе се истоварите, по 20 минути ќе почнете повторно да се пакувате, бидејќи на малечкото му е досадно и започнува бескрајното кенкање.
8. Постојано ќе зборуваат за играчките дома, и собата дома, и креветот дома, колку се убави, колку сакаат да спијат и да си играат дома. Откако ќе пристигнат дома нема ни да ги погледнат играчките, а заспивањето повторно ќе биде невозможна мисија.
9. Сувенирите кои ќе ги купите ќе се скршат уште пред да ја преминете границата.
10. Кога конечно ќе се приберете дома, поуморни од кога и да било, ќе сфатите дека ви е потребен одмор од одморот. Нормално, без деца.
(О)Милена | Црнобело