Зошто моите деца ќе ги учам на феминизам?
„Жените и децата први, жените и децата први!“ - викал на цел глас екипажот на бродот Титаник, откако капетанот ја дал популарната наредба. Акт кој се смета за најголем подвиг на кавалерство и пожртвеност во историјата во лицето на огромна катастрофа...
73,3% од жените и 50,4% од децата ја преживеале катастрофата, во споредба со само 20,7% од мажите. Како тоа да не било доволно, па и тие неколку мажи што преживеале, биле наречени кукавици, затоа што заземале место кое можело да биде за жена или за дете.
Во денешно време, мислењата се поделени - некои го нарекуваат овој избор инстинктивен, а некои како неоправдана привилегија на жените.
Исто така, во периодот на Првата и Втората светска војна, многу мажи биле избрани да служат војска, иако голем дел од жените би можеле да го направат истото, ако поминат низ основните фитнес барања.
Голем дел од нив трагично загинале во истите, додека голем број на жени седеле дома на сигурно, па како последица на тоа, се појавил дефицит на мажи. Во тој период, но и многу воени векови пред тоа, имало куп жени и мал број на мажи, со кои би можеле да бидат тие жени, па затоа и функционирала традиционална патријархија.
Жените морале да се прилагодат да бидат потчинети, со цел да бидат со еден од малиот број на мажи. На тој начин функционирало општеството и на тој начин мајките морале да ги воспитуваат ќерките, ако сакале во животот да не бидат осамени и да бидат среќни, без оглед на тоа како изгледала среќата во тој период.
Циклусот почнал да се менува кога бројот на мажите го достигнал бројот на жените. Сега жените почнале да добиваат сила и постепено да го менуваат своето однесување. Ова се случувало долг период, но потоа се родил феминизмот.
Најпрвин започнува со права на жените за еднаква плата, еднакви можности за вработување во било кое поле, првите жени политичари и упс - сепак жените можеле да прават сè што прават и мажите. „За жал“, традиционалната патријархија не можела да функционира без дефицит на мажи.
Тој брод исплови. Нема шанси ниту мажите да сакат да се вратат во такво општество, каде биле третирани како расположливи средства и ја жртвувале својата слобода и сигурност за доброто на жените. Веќе е сигурно да се каже дека циклусот се промени и никогаш веќе нема да се врати.
Додека растев во нашево општество, за кое овие етички норми за еднаквост се сè уште недостижни, никогаш самата не можев да заклучам што е точно феминизам. Единствено знаев дека бев нарекувана феминист, секогаш кога ќе изразев било какво мислење што би ме разликувало од килимче за бришење чевли.
Цел живот растев во опкружување во кое овој збор единствено беше достоен за исмевање, а и сакав да бидам како сите други деца, затоа што да размислуваш различно од другите, беше погрешно.
Но, сепак кога пораснав почнав да сфаќам дека сите претходни генерации кои стапиле во брак не биле херои, туку го правеле она што имало смисла во периодот во кој живееле, полн со културни и економски пречки, а не се разведувале, токму од истите причини.
Сфатив дека добар брак не е само тој што не завршува со развод. Во таа заедница го поминувате целиот живот и бракот не треба да толерира буквално сè.
Сфатив дека сакам работите да бидат поинакви за мене, и дека сакам да можам да имам свој избор, кој би бил ослободен од грижа на туѓото мислење за мене. Мразев кога се чувствував беспомошно и кога се соочував со неправди, од типот на нееднаквост на половите.
Го мразев моментот кога влегов во тепачка на училиште и татко ми ми рече дека е време да почнам да се однесувам како девојче.
Јас имав огромен заштитнички инстинкт, секогаш сакав да ги бранам луѓето на кои им беше нанесена неправда, па не можев да разберам зошто треба да ги скротам своите страсти и да ми биде одземено правото да се борам за она во што длабоко верувам.
Можеше да ми каже дека тепањето е лошо или дека неправдите не се решаваат со насилство, но сепак ги избра токму тие зборови, кои ужасно болеа и ме оставија да бидам во недоумица со денови потоа.
Во главата ми се вртеа мисли за сите пати кога брат ми морал да помага во извршување на „потешки“ физички работи, додека јас сум била среќна што не сум на негово место и сум ја имала привилегијата да си играм со барбики.
Но, размислував и на сите пати кога сум била етикетирана како „потенцијален плен“ за мажите, кога сум барала да бидам пуштена до покасно, додека брат ми без проблем можел секогаш да прави што сака.
Кога побарав да возам скутер како брат ми, никој не веруваше дека ќе бидам способна да управувам моторно возило исто како што би управувал некој маж. Кога сакав да тренирам кик - бокс, се плашеа дека мојата „фрагилна природа“ нема да може да го издржи предизвикот.
Ми велеа: „остави го мажот да биде маж“, и морав да молчам и да си мислам дека нема шанси на сите да им објаснувам дека ако треба јас да го скротувам мојот карактер за тој маж да биде маж, тој всушност не е толку силен.
Сега, мојата борба со неправдата, сакам да ја продолжам во воспитувањето на моите деца. Верувам дека ако жената треба да бара еднаквост во врската, таа веќе подлегнала на верувањето дека таа е помалку од нејзиниот партнер.
Додека радикалниот феминизам создава некој корозивен ефект врз очекувањата и однесувањето на жените и прави на жените што избираат друг пат, различен од добро платена кариера и успех на работно поле, да се чувствуваат лошо за својот избор, јас верувам дека жените имаат право да бидат тоа што сакаат да бидат.
Дека треба да бидат еднакво ценети ако се во улога на мајка и животот им е посветен на служење на семејството или пак, ако избрале да не бидат во брак од свои индивидуални причини.
Избирам да не го негирам целиот принцип на феминизмот и да го навредувам на ниеден начин стереотипот на традиционалниот избор. Верувам дека е сексистички да мислам дека тоа што го учам мојот син да чисти и готви е напредок, а дека кога ја учам мојата ќерка да го прави истото, го уназадувам напредокот за кој се бореле жените.
Сакам да ги учам моите деца, дека најдобрите луѓе се тие што живеат живот полн со предизвици и ги надвладуваат истите, во потрага по својата личност и по својата вистина.
Сакам да ги учам моите деца да се борат за подобрување на светот околу нас. Сакам да ги научам да ја користат својата интелигенција за нешто многу поважно од уназадување на другите и дека феминизмот постои за доброто на човештвото.
Дека наредните генерации ќе бидат посреќни, поздрави и поуспешни во сè што ќе сакаат да направат. Дека и мажите и жените треба да имаат право на подолго платено отсуство за да бидат со своето бебе, дека и мажите и жените можат да уживаат во сексот на ист начин, дека бракот е еднакво партнерство со компромис, дека исто важат мислењата и на двата пола и кога ќе се слушнат повеќе мислења, се добиваат поинтересни перспективи во културата, политиката, уметноста и сè што служи за напредок на светот.
Дека еднаквоста значи мир во светот и посреќни луѓе. Сакам да знаат дека можат да го постигнат сето тоа, а сепак да останат добри и да не им напакостуваат на луѓето.
Сакам да ги научам на вистински морални вредности, на кои не учеле нашите родители и кои ги посакувале за нас, а сега се веќе изгубени. Сакам самите да научат да бидат повеќе од нихилизмот, што зазема сериозен замав во светот.
Сакам да знаат дека традиционалите вредности и негирањето на правата на жените не се иста работа. Дека треба да го почитуваат секој човек, без разлика на полот, расата или сексуалната ориентација.
Сакам сите да можат да разберат дека феминизмот никогаш не водел смртоносни битки, дека никогаш не ги убивал неистомислениците, никогаш не поставувал логори за убивање и не ги изгладнувал непријателите. Сите борби на феминизмот биле за подобра едукација, за право на глас, за подобри работни услови, за да се чувствуваме сигурно на улиците и за реформи во правото.
И секогаш ми било интересно кога луѓето ќе кажат дека не се феминисти, па ги прашувам: „Дали разбирате што всушност значи феминизам?“
А. В. | Црнобело