Поучна приказна - што сакате?
Луксузна јахта застанала во едно мало мексиканско рибарско село.
Сопственикот на јахтата бил воодушевен од квалитетот на рибата па ги запрашал рибарите колку време им е потребно за да уловат вака добра риба.
“Не ни треба долго“ - одговориле рибарите
“А, зошто не останете подолго на море за да уловите уште повеќе риби?“
Тие му одговориле дека она што ќе го уловат е сосема доволно за нив и нивните семејства.
“Па, што правите со толку слободно време?“
“Спиеме, ловиме малку риба, си играме со своите деца, а попладнето го поминуваме во прошетка со своите сопруги. Навечер излегуваме во селото, се среќаваме со пријателите, пиеме по некоја пијачка и пееме неколку песни. Нашиот живот е исполнет.“
Господинот турист им предложил: “Јас дипломирав економија на Харвард и можам да ви помогнам со совет: ловете риба секој ден дупло подолго, продавајте ги и со тие пари купете поголем брод.“
“И што потоа?“
“Со поголемиот брод ќе уловите уште повеќе риби и со тие пари ќе можете да купите уште еден брод, па уште еден и така цела флота. Наместо да ја продавате рибата на посредници, можете да преговарате директно со големите производители и сами да станете еден од нив. Потоа можете да се преселите од ова село во главниот град или во Лос Анџелес, па дури и Њујорк. Од таму можете да го водите својот нов голем бизнис!“
“Колку време би ни било потребно за сето ова?“
“Дваесет, до дваесет и пет години...“
“И после?“
“Потоа? Е, пријатели сега доаѓа најинтересното. Кога бизнисот ќе ви стане добро разработен, можете да почнете со купопродажба на акции и да заработите милиони!“
“Милиони? Навистина? А, потоа?“
“Потоа можете да отидете во пензија, да живеете во мало крајбрежно село, да спиете долго, да одите по риба, да си играте со внуците, да го поминувате попладнето со жената, а ноќите со пријателите.“
“Секоја чест господине, но ние тоа го правиме и сега. Зошто залудно би потрошиле дваесет и пет години?“ - прашале мексиканците.
Поука: Во животот мора да знаеш каде си се упатил затоа што можеби веќе си таму!