Што ќе се случеше ако на сосетката не и кажевме дека синот ѝ е наркоман?
Луѓето зборуваат, луѓето зборуваат многу. Најчесто работи кои не се вистина, но луѓето зборуваат, без престан, секојдневно.
Уште од најмала возраст има силеџии во твојот клас што секако ќе се обидат да те исмеат и да ѝ кажат на учителката дека си направил нешто што ти не си ни помислил да го направиш, а ти немајќи докази да се одбраниш ќе поцрвениш и ќе се обидеш на секој начин да ја разубедиш.
Потоа тоа продолжува со текот на годините додека растеш, ако не се силеџиите од класот, ќе биде сосетката, бившата, бившиот, другарката со која сте се скарале, другарка на твојот непријател, сè некако ќе наидуваат луѓе од типот на оние кои што сакаат да зборуваат.
Но, што од тие зборови е вистина, дали зад чадот се крие оган или тоа беше вештачки создадена прашинка во воздухот?
Знаете ако на госпоѓата од соседната врата не ѝ кажевме дека нејзиниот син консумира дрога, сега сигурно ќе завршеше многу полошо, да не го урочам отиде на лекување и сега е под контрола, иако дента кога ѝ соопштивме нè избрка од вратата нарекувајќи нè неранимајковци.
Ако на финиот господин под нас не му кажеа дека неговата сопруга ги поминува сите катови покажувајќи ја својата долна облека кому стигне, тој никогаш не ќе знаеше дека тоа ангелско лице кое ги цица неговите пари всушност прави будала од него.
Ако на куќниот совет госпоѓата од првиот кат не слушнеше дека нејзиниот сопруг должи пари на над дваесет станари, таа никогаш не ќе сфатеше дека нејзиниот сопруг наместо дополнителни часови на работната позиција, одработува дополнителни часови во блиското казино, за кои ретко добива, а често губи пари.
Ако на нашата најдобра другарка не ѝ ја покажевме фотографијата од нејзиниот дечко со друга, таа ќе ја изгубеше својата невиност со човекот на кој му веруваше, а не требаше.
Сите тие негираа, сите тие не веруваа. Сите плукаа по луѓето кои им ја кажуваа вистината, но не беа сфатени така, бидејќи често сме навикнати луѓето да зборуваат без притоа да имаат што да кажат или кажуваат глупости.
Кога беше моментот да се верува, кои зборови имаа тежина? Како да ја тргневме заслепеноста која доаѓаше од љубов, од верба, од надеж дека нештата не се онакви какви што изгледаат? Како да согледаме дека оној што зборува за чадот кој доаѓа од вистински оган, не измислува?
Како да разграничиме кога да дејствуваме и да ги преземеме соодветните чекори, а кога да ги игнорираме зборовите на луѓето кои зборуваат? Кој е лажго, оној кој зборува или оној за кој зборуваат? Зошто општеството е толку комплицирано?
Што беше најдобро, да не зборуваме и да не ни зборуваат?
Чадот од цигарите одеше по една измислена линија нагоре кон небото, како моите мисли кои се редеа една зад друга, без конкретен одговор во тоа пролетно сончево попладне и не можев да разграничам ниту дали треба да се верува на зборуваното, ниту пак дали треба да се зборува...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело