Ова е натпревар на убавина, а себичноста освојува прво место
Живееме во свет на материјални вредности. Тоа е јасно како сончев ден. На прашањето кој е виновен поради таквата ситуација, одговорот е исто така јасен.
Доволно е само да се погледнеме кон огледалото или да го свртиме прстот кон себеси. Секој од нас на еден или друг начин допринесува за манијата која го има зафатено светот по материјални добра.
Теоретски или на хартија сите знаеме да елаборираме што е најважно. Здравјето е важно. Трудот, чесноста и интегритетот се важни. Важна е слободата. Искреноста, емоциите, карактерот. Важна е љубовта!
И си велиш по којзнае којпат дека нема да ги осудуваш луѓето според тоа како изгледаат, како се облечени, а секогаш потајно вртиш со очињата кога ќе видиш некој сосема обичен, неиспеглан, ненашминкан. Посилно е од тебе, подоцна можеби се каеш, ама во првиот момент махинално си помислуваш – Види се на што личиш, аман среди се и заличи на човек.
Тој момент боли. А ти јавно или тајно осудуваш, а веројатно и тебе те осудуваат на истиот безобразен подол начин.
Ти ги премеруваат чевлите, чантата, облеката и изборот на накит. Ти ја загледуваат фризурата. Носат мислења во врска со тебе според она што го носиш на себе, а не она што го имаш во душата или мозокот.
Тоа е така жално, плитко и површно размислување, а никој од нас не е имун на тоа.
Ова е свет на материјални луксузи и време во кое се цени убавината. Таа е највредната валута, убав си, па половина ти се простува. Убав си, привлекуваш внимание. Убав си, заслужуваш шанса.
Одбиваш да веруваш дека е така. Му се спротивставуваш на светот кој е гладен за последните трендови и брендови и она што е модерно.
Напорно работиме за да купуваме парталчиња. Најчесто не ни се потребни. Како да ги купуваме колку да пополниме некои други пукнатини кои очигледно не се пополнуваат со материјални добра. А сепак купуваме, не престануваме.
Трчаме кога ќе слушнеме дека има попусти. Се буткаме низ редиците до касите. Живнуваме со секоја нова ќеса во рацете, срцето ни тупоти, а ние сме среќни, макар и на кратко, макар и лажно.
Или вистински уживаме во ова? Лошо ли етоа што нé радува купувањето работи?
Нé прави ли тоа плитки, лоши и себични? Целта да се ослаби 5 кг, да се средиш, да бидеш привлечен и згоден, тоа изгледа како да е целта на целиот свет опседнат со надворешноста и убавината.
Им се смееме на Кардашијанс и на нивната глупост, а ние во многу поблага форма, сепак ги посакуваме истите работи – да имаме нешта во изобилство, да имаме доволно пари, да сме разгалени и прошетани.
Навистина немам да одвојам секој месец повеќе од 300 денари на донации за болни луѓе, си размислуваш. Ете, големи ми се трошоците. Тие 300 ден. се еден добар кармин, а ти месецов купи веќе 3 различни бои. Тие 300 ден. се 3 кафиња кои ти ги испи надвор за помалку од една недела.
Бог знае дека не ти беа потребни 3 различни бои на кармини. Можеби само еден ќе завршеше работа, а и без ниту еден ќе се преживееше. И кафето дома си е убаво како и тоа надвор, некогаш дури и поубаво. Ама си велиш работам, се мачам и заслужувам да се почестам.
Па си купуваш, си се радуваш. Си можел и тие пари да го донираш, но во еден момент надвладува себичноста и грижата за себеси, желбата за полни ќеси и убавината која го заслепува светот и по која копнееш и ти самиот.
Не, ова не е текст кој осудува. Верувам многумина ќе се пронајдат, а искрено се надевам дека можеби ќе има и такви што ќе речат – јас не правам така, не ме водат првенствено моите желби, туку туѓите потреби.
И дека можеби ќе има докази кои ќе ме разубедат дека ова не е свет на убавина, на материјалното, туку на духовното. Зашто сакам да верувам, но повеќе од сé – навистина сакам да е така.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(O)Милена | Црнобело