Се мажела мома, за да седи дома!
Оригиналната изрека гласи вака: „Се мажела мома, да не седи дома“. Тоа значи дека не можела повеќе да издржи сама и под истиот покрив со родителите, па се омажила конечно да се скраси со некого во обид да си ја пронајде среќата.
Но, денешницата во Македонија носи еден поинаков феномен – момите се мажат и секоја слободна прилика ја користат да се вратат дома кај родителите на неопределено време, затоа што така им дошло.
Не затоа што мажите дома ги малтретираат физички или вербално, не затоа што се пијаници, коцкари, не затоа што ги изневериле... туку затоа што во моментот се изнервирале, работите не оделе како тие што си замислиле во убавите главчиња и од чист инает и каприц свесно се пакуваат и заминуваат. И повторно се враќаат, и повторно заминуваат, и така до недоглед.
Прашањето ми е, дали кога решивте да се мажите помисливте на тоа што значи да се биде во брак? Дали сериозно мислевте дека е толку едноставно и лесно, дека е како песна, мед и млеко, без ниту една препрека? Или без ниту еден компромис, што ли е тоа?
Не можам да ја разберам оваа група жени на денешницата, а уште помалку вашите родители. Зарем не се интересираат зошто со денови сте во вашата стара детска соба, наместо дома со мажот? Зарем го оправдуваат вашето незрело однесување кое не се случува инцидентно, туку се повторува неколку пати?
Вината за овој феномен не можеме да ја бараме само кај децата, проблемот реално започнува од родителите. Тие првенствено сметаат дека никој не е доволно добар за нивното најмило, па по дифолт избраникот е потценет и маргинализиран. Второ, секој родител не сака отворено да си признае кога неговото дете прави грешка и наместо да му ја посочи, тој ја оправдува и охрабрува да се инаети уште повеќе.
А караниците се банално смешни, од такви што се жалат дека партнерот не дозволил да купат поскапа чанта или чевли од планираното, до моментот како било тешко да се прави ручек секој ден.
Па, најлесно е да се спакуваш и да си отидеш кај мама и тато дома на мал одмор, чистичко и средено како во хотел. Нема врска што имаш над 30 години и наоколу прокламираш дека си зрела и емоционално стабилна индивидуа. Не е важно што немаш поим што значи да се биде во брак, што значи зборот компромис, што значи да жртвуваш работи, да ставиш некој или нешто пред своите интереси и што е љубов на крајот од краиштата.
Ти си едноставно разгалена, себична и незрела особа која сака да си игра куќа, а уште не научила да ги дели играчките.
И капаче на сè – од дома ти даваат поддршка. И те убедуваат дека си во право. И ти мислиш дека не правиш ништо чудно, дека тоа е сосема нормално. И дека вратата кај мажот секогаш ќе ти е отворена за враќање, а тој трепелив вечно ќе те дочекува насмеан и полн извинувања, иако вината е заедничка, а најчесто само твоја.
Ретко го кажувам ова, ама за мажите во ваквите случаи, моето најдлабоко сочуство. Не знам од што материјал сте створени вие мажи кои си имате работа со ваков тип на жени, но секоја чест.
За тоа трпение, разбирање и таа љубов која ја чувствувате за жените кои не ве сфаќаат вам, и поимот дом и брак ниту малку сериозно.
А вие жени, што повеќе сте под покривот на мама и тато без некоја сериозна причина и оправдување, што играте ментални игри со вашите мажи, што се расфрлате и заканувате со зборот развод на секои 5 минути како тоа да е најлесното решение, можеби не требало да стапувате во брак на прво место.
А можеби, само можеби, некогаш ќе пораснете и ќе созреете. Ќе научите да комуницирате, и ќе почнете да ја прифаќате одговорноста и да се соочите со препреките и проблемите кои ги носи бракот заеднички со мажот кој сте го одбрале, наместо да бегате.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело