Баења против уроци, магии за растурање бракови, гледање на карти и брашно – мит или вистина?
Еве еден момент од детството на која без подзаборавила, а е смешно-тажен и бизарен истовремено: одењето на бајачка.
Во помалите места особено, овој чин е ритуал. Денешните деца ги носат во игротека, нас баба ни нè носеше на бајачка.
На мајка ми ѝ се креваше косата кога ќе слушнеше дека сме биле на бајачка со баба, татко ми се смееше, а ние имавме чувство како да одиме на излет.
„Спремете се деца, одиме кај бајачката“. Сурија од три деца, сите одиме поредени како аптекарски шишенца.
Чекаме ред, на братучед ми треба да му ги излечат крајниците, мене уплавот од кучиња, а на другиот братучед... којзнае што, ќе се најде нешто, ќе му се пребае на детето.
Се изненадив кога пред некој ден слушнав како ги носат бебињата и дечињата на бајачки, дури и во ова денешно, модерно и напредно време. Од „клинци“, од уплави, од уроци, од чуда и врагови.
Не можам да проценам дали баењето навистина е делотворно и има ли некаков резултат.
Што се однесува до нашите посети, братучед ми веќе нема проблем со крајници, бидејќи ги отстрани со операција. А, јас сè уште несреќно врескам и покрај пудлица со големина на глушец.
Но, еве интересен податок: Бајачите и бајачките може да ги пронајдете во Златна книга!
Дали навистина нешто се крие во овие баења или се обични блебетања?
Не ги осудувам оние коишто одат и веруваат. Маката ќе те натера да тропнеш на секоја врата и секаде да го побараш лекот. Сè додека даваш шанса, но цврсто се држиш до реалноста, односно не си го изгубиш здравиот памет, е веројатно во ред.
Ги осудувам од друга страна, оние коишто заработуваат на туѓата несреќа. Сите шарлатани кои те уверуваат дека гледаат „на брашно“, оние кои ти даваат сомнителни „иљачи“ за растерување магии, за зачнување бебе, совети за растурање бракови...
Некои се колнат во помошта на бајачките, други ги поистоветуваат со слуги на Ѓаволот.
Во секој случај, ова е интересен балкански феномен, а силното влијание на сите гледачки, бајачки, толкувачи на соништа и експерти за талог од кафе не престанува, макар и во време како денешново.
На крајот на краиштата, бајачките не се посмешни од книгите за самопомогање... или се?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело