Од едно уво влегува, од друго излегува
Им завидувам на луѓето кои велат Од едното уво ми влегува, од другото ми излегува.
Сакам да ја знам тајната на сите оние кои упорно тврдат дека проблемите од работа ги оставаат на работа и дома си доаѓаат со целосно избришан мозок подготвен за одмор.
Јас бре луѓе не можам! Сум се обидел и секојпат завршува неуспешно.
Си доаѓам со нервозите дома, особено ако е нешто сериозно. Одмарам со нив, спијам со нив, понекогаш дури и ги сонувам. Станувам и појадувам со нив, пијам кафе со нив.
Бидејќи тие се како пијавици, сèприсутни и ми го грицкаат мозокот.
Но, не можам поинаку. Не сум ниту во состојба да проценам дали луѓето со толку дебела кожа и таков заштитен механизам се многу попаметни или прилично понеинтелигентни од другите.
Каде им се наоѓа тоа копче на кое со обичен допир се трансформираш во некој кој не се грижи.
Во некој кој е инертен, кој ги блокира проблемите на (не)определено време.
Можеби е генетски, можеби е до карактерот, а можеби и се учи со текот на времето.
Можеби еден ден толку многу ќе ти прекисне од сè, ќе ти се преполни тенџерето и едноставно нема да ти биде гајле.
И таков безгрижен и малку затапен мирно ќе си пловиш, додека сите околу тебе со чудење те прашуваат како може да останеш толку мирен, кога колата ти ја кренал пајак.
Па ве прашувам добри луѓе, како се исклучувате од светот, како се изолирате од проблемите и нервозите?
Или и вас ви ја јадат душичката како мојата и барем малку се пронајдовте во текстот...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело