Нема ништо лошо да се верува во среќни краеви

Јас често сонувам, понекогаш и со отворени очи, иако додека растев мајка ми знаеше да ми каже да не верувам во светот толку многу и дека сите краеви не мора да значи дека ќе бидат среќни. Но, јас непрестајно верував.

prijatele-kolku-i-da-izgleda-nevozmozno-nema-nisto-loso-vo-toa-da-se-veruva-vo-srekni-kraevi-01

Повеќепати останував со скршено срце и разочаран од секојдневието, но сепак имав надеж во работите, во луѓето, во поклопувањето на парченцата на мозаикот и знаев дека еден ден сè ќе дојде на свое место.

Јас и Џејмс бевме другари долго време, тој беше еден од оние луѓе со кои сакате да се опкружите во животот.

Неговата пасија беше танцот. Ги играше сите танци од пасо-добле до танго, од хип-хоп до џез па, понекогаш знаевме да свртиме и едно оро.

Неговите движења одземаа здив, а неговиот плакар беше полн со пехари за освоени први места на танцовиот подиум.

Тој ден решивме да се искачуваме до врвот на блиската планина. Иако беше влажно од дождот кој беше паднал претходниот ден, тој инсистираше, бидејќи така стоеше во нашиот договор за таа недела - искачување карпи.

Сè одеше според планираното, после час и половина искачување бевме близу до врвот, изморени, а среќни дека сме скоро таму.

Но, како што Марфи секогаш работи, тој се лизна, пробав да го задржам, а не успеав. Се истркала удирајќи со сите делови од телото по карпите. Страшна слика која не можам да си ја извадам од очите.

Паѓаше можеби цели пет минути со една страшна брзина, на крај од неговиот пад на малата рамнина налета на железо кое му се наби во ногата и излезе од задниот дел на неговиот колк.

Започна да крвави. Не се помести...

Јас прескокнав преку сѐ, како тигар кој го демне својот плен, за да стигнам до него. Беше жив, но многу крвавеше.

Се јавив во брза помош и им кажав за недостапноста на местото и сериозноста на ситуацијата, ги замолив да пратат сè што е потребно, им кажав ќе платиме колку што треба само да не го изгубам пријателот.

Се обидов да ги притискам раните за да го запрам крвавењето, му ја стегав раката и со солзи во очите го молев да не ме напушта.

До болницата го пренесоа со хеликоптер, морам да признаам, за чудо брзо реагираа.

Седев пред операционата сала и ги чекав неговите.

Во главата ми се вртеа триста мисли, а пробував да не мислам на ништо. Сакав само да излезе, да се затрча, да ме гушне и да ми каже дека сѐ е во ред.

Не сакав после дваесет години пријателство да останам сам. Така чекајќи, сум заспал.

Операцијата траеше скоро дваесет часа, a него го извадија на количка. Жив, но во количка.

Го погледнав и ми се скрши срцето. Силниот Џејмс, оној кој секогаш ме победуваше кога правевме склекови, оној кој беше нескршлив, оној чии потези одземаа здив додека танцува беше во количка.

Беше едно клише, но го гушнав и му кажав дека наскоро ќе танцуваме заедно и ќе ме учи мене смотаниот да играм салса, иако досега сто пати ме учел, но попусто.

Не знам зошто го реков тоа во тој момент, можеби беше најголемата глупост која можев да ја кажам, но едноставно некој мораше да го слушне тоа.

Мораше некој да му ја даде таа надеж, без разлика што во тој момент изгледаше сосема неостварлива. Тој ми ја притисна раката и ми кажа дека само сака да се одмори.

Периодот после тоа беше вистински предизвик, тој беше човек кој не се предава, а јас другар кој нема да го остави. После многу терапии, одење по разни доктори, стискање заби и градење карактер, мотивациони приказни, солзи, пцовки и нервози, тој застана на своите нозе. 

Чекореше, потскокнуваше, можеше одново да танцува.

Дента кога за првпат зачекори самостојно, ме прегрна и рече, „не било толку лошо да се верува во невозможното“.

Јас само го погледнав со солзи во очите, го прегрнав и посакав да прославиме за животот, желбата за неоткажување и за нашата неверојатна приказна која ме тераше да се наежам и заплачам истовремено.

Тоа беше силен доказ дека вреди да се верува во среќни краеви дури и кога тоа изгледа невозможно.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg