Грижите испаруваат тогаш кога луѓето се смеат

Се будам поспана, со чувство на мрзоволност. Уште еден ден во овој град со нагрдена фасада.

grizite-isparuvaat-togas-koga-lugjeto-se-smeat-001.jpg

Додека ја вдишувам утринската кофеинска доза, се подготвувам за уште еден безличен работен ден.

Излегувам, се мешам со огромната утринска гужва, се претопувам во толпата и слеано, како некои роботи, чекориме секој кон своето работно место.

Луѓето се молчаливи и загрижени, веројатно размислуваат за платата која доцни, ратата од кредитот која треба да се плати, резултатите од екстерното тестирање на децата, болните родители.

Тие го пијат асфалтот со погледите, а јас барам човек во луѓето без лица. Некој, кој ќе се насмее.

Секое утро, барам насмеан човек, било на улица, или во автобус, или во долгата редица пред пекарницата. И не го наоѓам.

Во морето од лажно брендирани чанти, ми треба оригинален другар.

Некогаш имам скап пијалак дома, но не и мраз за да уживам во него. А, тогаш тој станува бескорисен.

Во потрага сум по љубов, не по нова епизода од евтините турски серии и она што ми е потребно е разговор во 4 очи, не seen на Фејсбук, без одговор.

Во овој град, луѓето кои немаат тронка воспитаност, се дрзнуваат да те учат на бон-тон правила.

Оние кои се лакоми и алчни, се обидуваат да ти одржат лекција по чесност и морал.

Тие кои се продаваат за парталчиња и неколку капки парфем, одвисоко го меркаат и оценуваат твојот надворешен изглед.

Одбивам да живеам во свет во кој луѓето се ценат по големината на новчаникот, наместо по големината на срцето. Сакам да верувам дека општата универзална религија која ќе ни биде ѕвезда-водилка ќе проповеда добрина, љубов и чесност. И насмевки. Рој насмевки.

И секој ден, го барам тоа насмеано лице, тој некој што ќе ми даде зрак надеж, светлина во тунелот на безнадежноста, тука, каде што сите мечти потонале, сите соништа се пензионирале и сите чувства се конзервирале.

Само еден ден, би сакала секој да си ја отвори душата, и да ја испразни сета тага, љубов или сиот страв кој го носи во себе спакуван како во кожурец, и да му се покаже на светот онаков каков што е, без страв дека ќе биде одбиен или исмејан.

Едно утро, молкум чекорејќи, ја кренав главата за да ја погледнам улицата која се капеше во првите сончеви зраци и не размислувајќи – се насмеав.

И во тој краток миг, успеав да „фатам“ со погледот нечија туѓа насмевка, која дојде како природно продолжение на мојата. Ете така, без причина, затоа што е среда, затоа што има сонце, затоа што сме живи и здрави, затоа што грабаме и уриваме и покрај неправдата на животот... затоа што се смееме и покрај солзите.

И грижите полека почнаа да испаруваат...

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
„Држи мe цврсто за рака“: Приказна за љубовта меѓу ќерката и таткото „Ако јас те држам за раката и нешто ми се случи, големи се шансите да ти ја пушт...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg