А, само посакав топла кифла со јогурт...

Во животот многу често дозволувавме да бидеме измамени, најчесто од сопствените верувања и сопствените мисли дека светот може да биде чесен онака како што нашето срце беше искрено пред останатите.

lugeto-nikogas-nema-da-prestanat-so-svoite-lazni-igri-01

Колку и да се обидувавме да ги промениме, луѓето повторно остануваа оние истите со своите лоши навики и алчноста да се постигне сопствен успех на туѓа штета. Како да имаше нешто труло кое постојано скапуваше во нив.

Тоа утро ги чекав колегите во пекарата која беше блиску до нашиот факултет, како и секогаш тие доцнеа. Не можејќи да стојам сам пред вратата на пекарата, бидејќи се чувствував како просјак, влегов внатре во обид да си купам топла кифла, мојата омилена. Обожував кога утрото ќе ми започнеше со топла кифла и јогурт. Некако се чувствував како да сум во дедовата куќа, а баба ми приготвила убав појадок. Секогаш го имав тоа чувство кога одев во блиската пекара, ме потсетуваше на детството.

Пред мене во пекарата имаше човек кој држеше две деца за раката. Отпрво не разбрав што се случува, но кога се доближив забележав како човекот учтиво ја замоли жената што работеше тука да му даде две четвртинки од топлиот бурек за неговите две гладни деца. Судејќи според неговата облека, беше просјак, а дечињата беа видно изморени и изгладнати, глетка која ми ги насолзи очите.

„Ве молам да ми дадете две четвртинки, гладни се, мали се, немам пари за да ви дадам, ништо немам, јас ќе гладувам, но ве молам дајте ми за нив. Ве молам, ве преколнувам“ - молеше тој со плачлив глас.

Јас го отворив паричникот. Внатре беа последните сто денари, беше крај на месецот, а беше општо правило дека студент на крајот на месецот е или на ниска троцифрена сума или на алармантна двоцифрена сума кога станува збор за буџетот во паричникот.

Ги погледнав очите на двете слатки, невини деца, плачливиот глас на нивниот татко ми навлезе во душата и ме протресе, терајќи ме да ја жртвувам мојата утринска кифла за нив. Жената му објаснуваше дека таа не е сопственичка и дека не може да го услужи, а тој сакаше да замине со наведната глава.

Не можев да си помогнам, како што секогаш не можев, луѓето многупати ме искористуваа заради мојата добрина. Како да не можев да кажам не, како да чувствував грижа на совест и тежина на душата ако заминам. Како да ќе ме прогонуваше таа слика иако не беше мој проблем.  Ги зедов последните пари од паричникот и кажав на продавачката да ги спакува двете четвртинки со месо за двете дечиња на таткото кој се обидуваше да ги нахрани.

Платив и излегов. Колегите сè уште не беа дојдени. Ги гледав како децата заминуваат во далечината, седнаа на блиската клупа во паркот. Таткото им ги даде двете четвртинки бурек и им кажа да јадат.

Тие како послушни војничиња ги грабнаа четвртинките и гризеа лакомо, додека нивниот татко се оддалечи, а мене ми се наполни душата. Не разбрав каде замина, но само за неколку минути ми стана јасно.

Од блиската трафика се врати со кутија цигари, беше некој бренд кој чинеше околу осумдесет  денари, нешто помалку од сумата за четвртинките бурек. Седна на клупата, ме гледаше во очи и ја запали цигарата безгрижно.

Јас само се насмеав, останав гладен поради емоцијата, останав гладен заради одвратната игра на еден татко кој намерно и свесно натера друго дете да гладува за да ги нахрани неговите, само за тој да ужива во никотинското труење.

Не ми беше криво што останав гладен, ми беше криво што такви невини суштества ќе израснат покрај таков монструм. Тоа беше она што болеше во целата таа приказна. Посакав да го опцујам, но си реков „која е поентата на таквото губење на сопствената енергија за ништо“?

Тој беше само еден доказ зошто луѓето никогаш нема да престанат со своите лажни игри, тој беше еден пример заради кој многумина кои беа во слична ситуација остануваа со празни раце само затоа што луѓето се оградуваа од верување во такви или слични приказни. Додека чадот излегуваше од неговото тело се прашував каде ќе оди неговата душа, знаев каде ќе оди мојата, но се чудев што ќе биде со неговата.

Тој ден како и многу денови претходно, си ветив себеси дека нема да дозволам емоциите и глупавите реакции на срцето да ме водат кон погрешни заклучоци и уште полоши постапки. Затоа што луѓето знаеја да бидат многу злобни, не одбираа ниту начин, ниту време, само сакаа да ја остварат својата цел без разлика што ќе биде со оние кои постојат околу нив.

Колку и да се обидував да сфатам, не можев да ја сфатам таа расипаност во нивните души.

Беше тоа премногу злоба за едно прекрасно утро, а само посакав топла кифла со јогурт...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
За бабите што чуваат внуци, еден медал ќе ве молам! Ако вашето дете има баба која го сака подеднакво силно како и вие, тогаш вие сте...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg