Зарем мораше вечно да тагуваме кога можевме да имаме нов почеток?
Како да бевме склони да ги следиме погрешните знаци во животот. Како упорно да се движевме во погрешна насока иако знаевме дека таа не е вистинската. Ние луѓето кои полека сами се доближуваме на работ на тагата и како што се доведувавме, така лесно паѓавме во неа, на наше сопствено барање.
Имаше денови кога ќе се разбудев со насмевка на лицето, имаше и денови сосема спротивни на нив кога ми пречеше дури и најмалиот звук кој продираше од ѕидот. Зошто беше така не можев да си објаснам ни самиот.
Се разбудив тоа утро од топлината која владееше во собата. Бев испотен, иако носев само долна облека и маица по кратки ракави. Не можев да спијам од жештината на воздухот кој го вдишував. Повторно се скрши мојот сон. Не дека сонував којзнае колку убави работи.
Ставив вода во чашата која стоеше близу мојот кревет, но ни тоа не беше доволна за да се разладам, па го кренав цело шише, како пијаница во шест часот наутро. Се вратив повторно во постела на левата страна обидувајќи се да не те разбудам, додека се трудев да паднам во длабок сон. Овојпат те сонував тебе, сонував за нас.
Имаше страшно невреме и беше многу ладно, јас бев на работ на бездната готов да паднам, а ти ја држеше мојата рака. Ти со својата малечка сила се обидуваше да ме задржиш во својот живот, додека тагата полека го корнеше моето тело.
Околу мене беше сѐ она што ме прогонуваше од минатото. Пробував да ти објаснам, да ти раскажам, но не можев да те вплеткам во мојата болна игра. Сакав да ме пуштиш, но ти беше упорна и не дозволуваше. Ниту сега кога постоеше опасност да те повлечам со себе.
Минатото не е нешто од кое можеш да избегаш. Можеби моето не беше најсјајно, можеби не беше волшебна приказна за човекот кој живеел среќни години, беше темно, студено и мрачно како што и најчесто им беше судено на праведните.
Ти ме гледаше во очите, без да трепнеш. Со чиста, искрена насмевка, дури и кога беше јасно дека ќе ме испуштиш, ти ме убедуваше дека секој може да помине преку сѐ. Ти беше подготвена да поминеш преку сѐ заедно со мене, само за да бидеме среќни.
Те гледав и се обидував да откријам со што те заслужив. Што те натера да дојдеш како мелем на моите рани за да и јас конечно видам среќа во животот? Дали Бог конечно се смилува и реши да ме испрати на патот до среќата, досега ме праќаше многупати на погрешни места.
Дојдов тука за да бидам покрај тебе. За тебе, не за твоето минато, не за нештата кои те опкружуваат. Јас дојдов за тебе, бидејќи ти си она што ми е потребно за да живеам.
Се стишуваат сите ветрови, исчезнува целото сивило. Тој стисок кој ме одржува во живот, кој ме спречува потполно да си изгубам, е силен. Многу посилен од претходно. Ми даваш надеж да се борам. Ми даваш доказ дека љубовта е една движечка сила со која јас можам да поминам многу повеќе отколку што сум замислил.
Му даваш смисла на мојот мизерен живот, убедувајќи ме дека ја најдов среќата, а таа го носи токму твоето име. И повторно се јавува топлина, во телото, во душата, во белите дробови, но овојпат е различно.
Сега знам дека те имам крај себе. Се будиш и се насмевнуваш, исто како во сонот, ме прегрнуваш и јас сфаќам дека нема пречка до мојата среќа. Сè што треба е да се ослободам од стегите на минатото и да дозволам да започне нова страна во мојата неиспишана книга.
Не можев да си објаснам зошто толку долго сум останал заглавен на една иста страница, зарем не беше поедноставно да се остави она што е напишано и да се обидеме да го смениме епилогот на трагичната приказна кој не мораше да се случи? Зарем мораше вечно да бидеме фрлени во зандани на тагата и очајот кога можевме многу лесно да имаме нов почеток?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело