Додека грешиш - учиш, а во животот многу се изнаучив
Кога би го вратил животот наназад како опција на паузиран филм сигурно не би допирал ништо и не би менувал ништо, само би се обидел да ја сфатам таа моја филозофија на препишување на целата вина на светот на мојот грб и барањето на туѓите неисправни постапки во моето кревко и чисто срце.
Кога сега ќе погледнам се прашувам зошто и не можам да најдам соодветен одговор.
Ме чуди таа филозофија на градење ѕид околу себеси, едно оградување од сите убавини на овој свет во обид да не се постапи погрешно, испуштајќи ги најубавите моменти кои поминале залудно. Кога ќе ги затворам очите се прашувам како можев да имам толку погрешно размислување за светот и дали воопшто вредеше таа жртва за луѓето за кои беше направена ?
Додека го подготвував утринското кафе се потсетував колку се менуваме во текот на нашиот живот, отфрлајќи ги старите идеи, прифаќајќи нови, но притоа останувајќи верни на себеси. Другите промени не ги прифаќав како промени, туку како губење на сопственото јас низ дефинираните форми на општеството....
Размислував за новиот начин на кој научив да го гледам светот...
Постоеа луѓе на кои знаев да им ја дадам целата моја доверба и да ја насочам целата моја енергија за да им го разубавам денот. Како и секогаш не можеш да го знаеш излезот без да генерираш соодветен влез. Така функционираат системите така и луѓето, беше неизбежно да останеш без скршено срце или евентуално да останеш неразочаран живеејќи го овој суров живот.
Тоа беше како непишано правило, секогаш се наоѓаше по некој неоткриен талент кој дошол во твојот живот само за да ти предизвика чувства различни од оние кои ги посакуваш. Но, постоеше и друга приказна која беше вистина, додека грешиш, учиш, а да бидам искрен во животот многу се изнаучив.
Затоа во сегашноста не градев ѕид околу себеси. Туку постапките на личностите кои не ме заслужуваа и нивните зборови додаваа по една цигла на ѕидот кој научив да го градам околу нив. Можеби тие ќе најдеа начин да излезат, но јас бев слободен и ослободен.
Да бидам искрен често се чудеа како можев да го најдам тоа „off” копче во вистински момент и како можев да посакам секој да си ја крши главата на соодветен начин, а јас само ќе им возвратев со насмевка. Бидејќи немаше потреба да препишувам туѓи грешки на мое име и да размислувам за туѓи постапки како порано или воопшто да се објаснувам со личности кои имаат тенденција да ми го расипуваат денот.
Затворав очи и го чувствував мирисот на слободата, живеев за светлината која се одбиваше од сите тие ѕидови кои беа околу другите, како обележана територија која не треба да ја пристапам. На тој начин беше олеснувачи прекрасно.
Така додавав цигли на места каде што навистина треба да се изгради ѕидина за се изолира злото, секако фиктивно во мојата глава. Колку и да беше чудно и безмилосно, тоа делуваше и на тој начин создавав околина во која беше убаво да се живее.
Н. Буџак | Црнобело