И покрај сите грозни епитети, јас чекорев сосема сам

Знаете луѓето знаеа да бидат навистина чудни, без да прашате или без да посакате тие веќе имаа име за вашето постоење, без притоа да бидат свесни што навистина вие претставувате.

i-pokraj-site-grozni-epiteti-jas-cekorev-sosema-sam-01.jpg

Ја облеков зимската јакна со новата црна капа која ја купив од пазарот пред некој ден, ги наместив црните чизми и се упатив на вечерна прошетка по реката.

Тоа не беше ритуал, но прерасна во една навика која ја практикував секој втор ден од неделата, односно ако некој не знаеше каде сум помеѓу седум и осум часот навечер во парните денови од неделата, тогаш со сигурност можеше да ме најде покрај кејот.

Без другите да сфатат што барам навечер од темната страна на кејот, сам движејќи се по темницата, луѓето имаа најразлични приказни за моето талкање.

Случајно ги слушав епитетите кои ги лепеа на моето име, а тие беа од грозни до погрозни, од лаги до поголеми невистини, но додека растев научив да не се грижам што мислат другите за мене, мене ми беше важно, што се рекло, да ми врви возот, сето останато беше помножено со нула.

Таа ноќ додека чекорев низ несредената трева од левата страна на кејот, зад мене слушнав чекори, но не се исплашив. Добро го познавав тој дел за да можам вешто да избегам доколку наидат душманите. Кога се завртев зад мене одеше девојка, некаде на моја возраст, која застана како виновна кога го открив нејзиното движење.

„Опасно место и време е ова од ноќта за една млада дама да се движи по непознати места кои општеството ги карактеризира како патеки за лудите или патеки кои не треба да се чекорат, знаеш ?“ - ја прашав заинтересирано, интригиран од она што би имала да го каже во своја одбрана.

„Сите во животот сакаме малку опасност, ти тоа би требало најдобро да го знаеш, или ти не си за опасноста, ти само сакаш да бидеш бунтовник без причина?“ - ми се обрати бесрамно, со самоуверен тон.

„Знаеш, не би требало да скокаш до заклучоци кои не се научно потврдени, барем мене така ме учеа додека студирав и ми се чини дека тоа е најдобрата лекција која ако секој би ја научил, светот би бил подобро место за живеење. Колку и да ме сметаш за бунтовник без причина, јас имам своја причина, само што не сум бунтовник. Доаѓам тука, бидејќи додека бевме мали со брат ми, во летните денови, пливавме од онаа осветлената, на оваа неосветлената.

Верувавме дека ако испливаме, оваа овде ќе биде нашето кралство, а оној кој ќе стигне прв ќе биде крал. Потоа ќе земевме дрвени мечеви и ќе се боревме за кралското место, па ќе се боревме, сè додека не се уморевме и ќе препливавме назад со надеж дека некој не ни ја украл облеката која неуредно сме ја расфрлале за да влеземе во водата.“

„Јас се извинувам, не знаев дека вашиот... “ - зборуваше таа со треперење, како да се исплаши од мојата приказна.

„Повторно брзаш со заклучоците, мојот брат, фала му на Бога, не го напушти овој свет, но за разлика од мене замина на едно место каде што луѓето не се злобни, замина далеку одовде. И покрај тоа што во животот правеше многу глупости, морам да признаам дека таа одлука му беше една од најдобрите. Не замина за пари, не замина за љубов, туку едноставно за авантура, за друг начин на живот во кој нема да биде жигосан за различните работи кои уживаше да ги прави.

Сите мислат дека заминувањето значи само алчност по богатството кои ги нудат земјите од светот, но тој замина по авантурата која не беше осудувана и морам да признаам иако не е образуван, му оди од рака со она што го замислил.

Мене само ми недостига и шетајќи вака се потсетувам на него, на нас и на сè што имавме, прави полесно да го преживеам неговото отсуство. Ако заради тоа ме следеше, ете ја дозна тајната на момчето кое скита сосема само.

Не е бунтовна, не е ниту луда, не е ниту несфатлива, таа е потреба за душата за да не западнам во длабок очај. Ако некој ме прашаше би одговорил, но сите знаат сѐ, нема зошто да прашуваат“.

Девојката ме следеше збор по збор и можев да кажам дека егото ми порасна со самото тоа што таа се восхитуваше на мојата храброст да се справам со општеството на начинот на кој го правев тоа.

Можеби за останатите бев луд, но судејќи по тоа што таа продолжи да чекори со мене, за неа бев инспирација која имаше сила и моќ да се избори со злобните усти кои чекореа наоколу.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Седев сама на гинеколошка онкологија во Скопје и ми се плачеше „Тргнав утрово на скопската клиника, а нозете ми се враќаа назад. Не сакав никој...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg