Време е цврсто да застанеш на сопствените нозе и да ја прифатиш битката...
Постои нешто романтично во бегањето од проблемите.
Тоа е една од нашите омилени приказни - херојот или хероината завршува со скршено срце или со сите соништа уништени. Потоа почнува со градење на себеси одново. Започнува од почеток.
Ова клише на сите ни се допаѓа, бидејќи зборува за нашата моќ. Сакаме да веруваме дека било која битка со која се соочуваме може да заврши едноставно, ако избегаме од неа. Промена на средина, промена на ставовите и сфаќањата и нов почеток како феникс од пепелта.
Сакаме да веруваме дека сè што ни е потребно за да бидеме доволно силни да излеземе надвор од комфорната средина е да ја измислиме сопствената приказна одново, да креираме нова личност од себе.
Донекаде, ова е вистина. Постојат одредени моменти во животот кога потребно е да се одвоиме од моменталната реалност. Да излеземе од вообичаената средина. Од рутината. Да си дадеме можност да промениме буквално сè.
Но, оваа стратегија има свои ограничувања.
За луѓето кои секогаш се одлучуваат да избегаат од сè, напуштањето ќе биде секогаш поудобната опција од останувањето.
Бегањето ќе биде секогаш полесно од останувањето во истата точка, од неподвижноста.
Затоа што ако ти си личноста која бега, ти си онаа која ја контролира ситуацијата, која ја поседува моќта во свои раце.
Ти си тој кој одбира. Кој го одбира хаосот. Ако срцето е скршено, полесно е самиот да си го докршиш отколку да оставиш друг целосно да ти го уништи.
Длабоко во себе веруваш дека полесни се раните кои сами сме си ги нанеле на себе.
Затоа бегањето од проблемите не претставува никаков ризик.
Што е навистина страшно е да одлучиш да останеш. Страшно е да ја инвестираш сопствената душа. Страшно е да го отвориш сопственото срце, да немаш никаква контрола, без гаранција дека работите ќе завршат во твоја полза.
Она што е страшно е да го градиш животот од кој не можеш да избегаш, бидејќи секој момент кога работите нема да се одвиваат онака како што посакуваш, како што си замислил, од се срце ти доаѓа да избегаш, да се заштитиш.
Страшно е да се препуштиш на емоциите над кои немаш потполна контрола, над кои немаш автономија.
Тоа е она што е надвор од твојата комфорна зона.
Оние кои бегаат од своите проблеми знаат дека истите полесно можат да бидат решени со купување на билет за првиот авионски лет или пакувањето на куферите и заминувањето од она што те распарчува, од она што те повредува.
Поудобно им е сами да ги направат промените, отколку да се препуштат на надворешните промени кои не можат да ги контролираат. Удобно им е во подвижното ѕвоно каде секогаш се емоционално сигурни.
Иронично, кога знаеш дека си дел од овие луѓе, знаеш дека и лекот лежи во првиот совет кој ќе го слушнеш - да излезеш надвор од твојата комфорна зона. Одговорот лежи во тоа да останеш, да се соочиш со ситуацијата. Да останеш кога сите импулси ти велат да си заминеш. Да се фокусираш на она што ти ја разбранува душата.
На крајот на краиштата, уметноста на живеењето лежи во тоа да се научиш да балансираш меѓу останувањето и бегањето.
Лежи во тоа да научиш кога е време да си заминеш, а кога мораш да застанеш цврсто на земјата под нозете и да ја прифатиш битката. Кога да напуштиш сè и да започнеш одново или да останеш и да се бориш за она што веќе го имаш.
На крајот од денот сите ние сме фокусирани на нашето јадро, на најдлабоките делови од нашата душа, на најмоќниот страв дека не сме доволно добри.
А, единствениот начин да се бориш против овој страв е да гледаш на него како на предизвик - да го прифатиш, да го анализираш, мериш, да го гледаш директно „во очи“. Да му се спротивставиш.
На крајот, знаеш кои работи навистина вредат - важно е што ќе одбереш во тие моменти.
Само така ќе ја откриеш разликата...
Што ќе одбереш?
Н. Г. | Црнобело