Дневникот на еден наставник во 2026 година: Каков ќе биде животот за 10 години?
„Третата смена ни ја воведоа после штрајкот на родителите кои се жалеа дека нивните деца не се занимаваат со ништо навечер и гледаат само телевизија и играат игри“ - пишува во дневникот.
„Утре полнам 67 години. Ме болат коските, имав два инфаркта и имам три стентови.
Денес одржав редовни 17 часа. Морав на 61 да се запишам на уште еден факултет, па сега предавам 6 предмети. Во училиште со 867 ученици работиме дванаесетмина.
Жената ме напушти пред четири години. Ми велеше дека ниту ме гледала дома, ниту пак сум носел пари. И навистина е така. Сè што заработувам го давам на стручно усовршување, на кое одам три викенди месечно. Ако ми остане некој денар ги давам на хартија, тонери, печатари и калкулатори. Секоја недела дома печатам околу 329 извештаи и 450 страни наставен материјал.
Ама ако, јас не се жалам, барем имам работа.
Конечно ја совладав техниката на брзо спиење. Сега спијам три наместо осум часа. Тој семинар ни го плати државата. Бев и на семинарот како да направиш ручек за два дена за 100 денари, но тоа и порано не ми претставуваше проблем.
И да не помислите дека јас се жалам, не, никако, јас барем имам работа.
Секое утро се молам за здравјето на директорот, кој ми овозможи да работам и да допринесам за мојот дом да излезе од криза. Кажувам дека кризата нема да трае долго, уште десетина години.
Денес им предавав на шеснаесетгодишните. Веќе не ги делиме по одделенија, туку по години, за оние кои повторуваат неколку години да не се чувствуваат дискриминирано. На часот ми беа четворица. Останатите имале некоја работа. Ама ако, тие се деца , треба да имаат активности.
Присутните бираа што денес ќе учиме и какви оцени сакаат да им пишам. Прекрасни се тие млади луѓе, така се самостојни.
После наставата морав кај секој од отсутните да поминам до дома, да им ги однесам тестовите, па ќе ми ги вратат кога ќе ги пополнат. Кога ќе стигнат. Млади се тие. Имаат многу интереси и мора да имаме разбирање за тоа.
Вечер сум трета смена. Морам да ја заменам колешката која си го скрши колкот. Ми кажа дека само денес ќе отсуствувала, од утре доаѓа на работа. Имаме трета смена после штрајкот на родители. Ама немој да мислите дека се жалам. Не, никако!
Пресреќен сум што работам во училиште, и баш ми е жал што до пензија имам уште 17 години.“
Н. Т. | Црнобело