Кога ќе се мажиш? Време ти е да раѓаш! - Девојка одговара на дрските прашања со кои ѝ додеваат
Ако уште некој ми каже „Време ти е“, ќе излезам од сопствената кожа. Каде тоа пишува и што воопшто значи и како всушност некој може да знае кога мене ми е време?
Ваквата изјава посебно ме чуди дури и кога излегува од устата на моите баби, тетки и примитивни сосетки кои останале да живеат во некое далечно минато, во „среќните времиња“ кога единствена цел била да се омажиш.
Бракот сам по себе, а потоа и раѓањето дете претставувале врвен идеал и смислата на животот на секоја жена.
За жал, во 21-ви век и 2015-та година, повеќето од луѓето веруваат во оваа приказна. Во таа теорија животот на жената се сведува на брак и раѓање што поскоро, за да не и дојде на ред титулата стара мома.
Ако се прашувате од каде толку формални, оштетени и неприкладни односи, лоши бракови и несреќни единки - одговорот ви е пред нос. Трчале да се омажат или под притисок на околината да останат во некоја долга, неквалитетна врска, дали заради непочитување на самите себе и поимот љубов, или пак од страв дека ќе останат сами и последниот воз ќе им замине, дали поради (не)планирана бременост... Трчале, се залетале и завршиле во имитација на среќен живот со човек кој воопшто не го познаваат и сакаат.
Еве, јас нема да ве лажам кога ќе го слушнам прашањето „Кога ќе се омажиш?“ или „Кога ќе најдеш некој за сериозна врска?“ Кога велам дека чекам човек кој ќе ме сака и кого вистински ќе го сакам и со кој ќе можам да изградам квалитетен живот, т.е. дека не ми е цел само да се омажам, туку среќно да се омажам, во главно или го премолчувате мојот одговор или пак од оние похрабрите добивам „Немаш многу време за расфрлање“, „Премногу бираш“, „Љубовта се гради со тек на време“...
Да ве прашам нешто, вас похрабрите:
1. Кој одредил кога девојките треба да се омажат? И што значи тоа дека немам време за фрлање? Дали тоа значи дека треба да се омажам со првиот кој ќе ме побара? Каков живот ме чека после? Каков живот ќе градам?
2. Што значи премногу бирам? Ако чекаш обострана љубов со квалитетен маж? Дали тоа значи дека треба да гледаш низ прсти и да трпиш она што ни во лудило не би го трпела, само да си во брак? Па, среќно со таков став и никогаш не заборавајте - сами ги правиме своите избори.
3. Во ред, почитувам дека нема љубов на прв поглед и дека не се исплати да чекаш да ти падне од небо. Можеби сум премногу романтична. Но, не можам да се потпирам идејата дека за неколку години ќе засакаш некој кој не си го засакал за неколку месеци. Секако ќе изградиш некакви емоции на почит и навика, но дали ќе доживееш љубов? Тоа е секогаш под знак прашалник.
4. Тука е и прашањето за децата. Не знам зошто поимот брак и деца се нужно поврзани. Ми се чини дека браковите се подобри и поуспешни кога луѓето ќе сфатат дека тоа е заедница од двајца партнери кои заедно ја делат среќата. Децата би требало да се плод на таа љубов и заедништво, а не како плод на себичната желба да создадете мини копија од вас и да заборавите на сопружникот. Биолошкиот часовник е веќе излитен поим, за него не сакам да трошам зборови.
И не, нема да се омажам во 27-мата за некој кој не го сакам, само за околината да мисли дека сум ја исполнила мојата животна мисија.
Не сакам на 35 години да се разбудам очајна затоа што не сум патувала доволно, не сум се смеела, не сум си угодувала сама на себе, затоа што сум брзала да станам жена и сопруга пред време. Нема да ги поминам следните 60 години како послушна домаќинка, сопруга и мајка. Не сакам!
Сакам да бидам центар на мојот свет. Сакам да сакам некој од длабочините на мојата душа и да не бидам оптоварена со брачните проблеми. Сакам да играм, да скокам, да носам кратки шорцеви и уште пократки здолништа, да се будам во 12 попладне, сакам да излезам во кафана ако ми се излегува, сакам да пијам кафе со пријателките и да имам лудачки секс со партнерот секој ден, сакам да читам книги до бесвест и да ги изгледам сите нови филмови. Сакам да живеам со полни гради и да не се грижам што ме чека хаотичен дом, неизмиени садови и расплакано дете.
Животот не е часовник - никаде нема да задоцниш ако го слушаш своето срце и го следиш она што те прави среќна!