Писмо од сопругот: Ни преостануваат уште 15 години да живееме, наше е да одлучиме како
По кратка расправија со мојот сопруг околу тоа кој ќе оди денес да пазарува, расправија за сосема неважна работа, добив писмо од негова страна – писмо наменето да се извини.
Писмо до сопругата:
„Прочитав некои статии онлајн околу тоа како се повредуваме себеси и нашите деца со тоа што не си даваме доволно време да ги разјасниме работите токму во овој момент, во сегашноста. Виновен сум за ставот „Побрзај или ќе доцниме“. Се препознавам во тие зборови и помислата дека постојано те брзам тебе и децата кога одиме некаде.
Луѓето велат дека животот е брз и јас често истото го повторувам.
Знам дека грешам.
Јас сум тој што правам сè во животот да ми се одвива набрзина. Сè започнува со избор. Едноставно морам да направам поинакви избори. Наредниот пат кога ќе ме слушнеш да кажам дека сум презафатен или имам многу обврски, те молам потсети ме да земам длабок здив и да продолжам понатаму.
Треба еднаш засекогаш да сфатиме дека никому не му е грижа за тривијалните работи кои нас ни се чинат како важни. Мислам дека оперираме со чувството дека сите маани во нашите животи се еднакво видливи и на другите околу нас.
Не можам да престанам да обрнувам внимание на неважните моментални работи, наспроти нешто што е значајно и кое засекогаш ни останува во сеќавањата.
Ако се релаксираме малку повеќе, како невини деца, ќе бидеме далеку посреќни луѓе. И никому нема да му биде грижа дали сме малку несмасни или ако не сме ја средиле градината до тој стандард кој сме си го зацртале во главата.
Не сакам да кажам дека не треба да целиме во животот кон нешто повеќе, туку едноставно дека треба да се сконцентрираме на поважните работи во животот, оние суштинските. На располагање имаме само 24 часа во денот и треба максимално да ги искористиме за оние работи кои ни значат.
Ако континуирано се грижиме за оние неважни детали, засекогаш ќе останеме во сегашноста и нема да ги достигнеме целите и соништата кон кои навистина целиме.
Неважните детали не спречуваат, ни ги кратат можностите да ги доживееме оние искуства кои навистина значат – отсега оваа мантра мислам дека треба да ми стане дел од животот.
Ова не е нешто ново, сме разговарале и претходно, но се чувствувам како одново да ја откривам оваа „еурека“ на некое подлабоко и позначајно ниво. Сакав да ти кажам само како се чувствувам за да не бидеш збунета кога ќе започнам да си ги менувам навиките.
Моето прво откритие беше дека не сите искуства треба да ги споделуваме со пријателите.
Потребно е одредени моменти во животот да останат во приватноста – така имаат поголемо значење. Ако споделуваме буквално сè на социјалните мрежи, многу поголем дел од времето го трошиме во фотографирање и пишување на совршената објава.
Крајниот резултат е дека сме повеќе инволвирани во тие активности, отколку во оние суштинските, како што е автентичното доживување на работите.
Се прашувам, зошто имам потреба тоа да го правам? Веројатно е потребата за одобрување. Сигурен сум дека е тоа. Што навистина добиваме од бројот на лајкови од фотографиите од нашиот одмор?
Сега ми е јасно зошто еден колега се одлучи да го избрише својот Фејсбук профил.
Се изјасни дека сака да се фокусира на своето семејство и неговиот живот. Во тој момент, мене сè во животот ми беа социјалните мрежи. Во мојата глава тие не беа одвраќање од реалноста. Не беа пречка.
Сега сè ми е совршено јасно. Секој ден сум сè поблизу до одлуката да ги избришам моите профили на Твитер и Фејсбук. Зошто? Затоа што ме одвраќаат оние работи кои навистина значат.
Утре нема да имам пријатни сеќавања од времето кое сум го поминал на Фејсбук.
Па колку време ни преостанува за живеење?
Оптимистичен сум дека ќе достигнам 90 години. Тоа значи дека ми преостануваат уште 56 години за живеење. Од можните 24 часа дневно, барем 8 часа ќе ги поминувам во спиење и уште 8 во работење, сè додека не се пензионирам на 64 години.
Тоа значи дека ми остануваат уште 27 години да уживам.
Или можеби не е така? Од тие 27 години, барем дел од времето го поминуваме во дополнителни активности и домашни обврски, пазарење и што ли уште не.
Тоа значи дека ми остануваат сè на сè 15 години за оние значајните работи. Па, не можам да си дозволам губење на времето.
Не е важно кој ќе оди да купува, кој ќе оди на пазар.
Важно ми е времето кое ќе го поминам со тебе.
Никој нема време да размислува баш на тоа.
Те сакам.“