Стоиш пред мене, но не те гледам...
Безброј пати те замислував пред мене иако беше далеку. Безброј пати сум визуелизирала лажен допир на твојата рака како се истегнува кон мојот врат и ме гали под десното уво толку нежно, понежно дури и од допир со пердув.
Безброј пати сум мечтаела за мирен сон, покрај тебе, но сум добивала само кошмари.
Сега, можеби си до мене, но не те гледам, стоиш пред мене, го чувствувам само ладниот воздух кој струи низ тебе и удира во моите усни и дланки. Понекогаш го заменува твојот бакнеж, на моменти твојот допир.
Стоиш пред мене, но не те гледам, повторно те замислувам.
Сум навикнала на твоето отсуство така што веќе не го препознавам ниту твоето присуство, а камоли тебе.
Затоа, вечерва ако слушаш, слушни ги солзите како се тркалаат низ образите.
Ако гледаш, види болка во моите очи.
Ако чувствуваш тага, насмевни се, во спротивно, ако чувствуваш среќа, потсети се.
Извини, не се потсетувај, премногу ќе боли, а јас нема да бидам таму да те смирам или да те растревожам уште повеќе.
Само заспиј мирно, јас ќе ти подарам мирен сон, а ти повторно дај ми кошмари.
Ќе сонувам кошмари во кои те немам, а наутро повторно ќе се разбудам во кошмар, бидејќи навистина те немам.
Како и да кажам, исто е…Стоиш пред мене, но не те гледам...