Живеј го секој момент како последен, сериозно?
Знам дека сите кажуваат како тоа животот е сјаен, убав, треба да се живее секој момент како последен.
Не знам кој всушност го применува ова горе наведено, бидејќи ние луѓето наместо да го живееме секој момент како последен, правиме работи кои не ги сакаме.
Одиме на работа која ја мразиме, се дружиме со тие што не ни одговараат, надевајќи се дека тој момент во кој го правиме сето ова навистина ќе ни биде последен и баш ни е гајле, за жал.
Ова го сфатив кога денес одложувајќи ги сите важни обврски јас наместо да ги извршам избрав да лежам.
Можеби не се дружам со оние што ги мразам, можеби ја работам работата која ја сакам, можеби не се надевам дека моментот во кој сум сега ќе ми биде последен, но сепак легнав да одморам иако одмарам веќе цела недела…
Се запрашав зошто?
Зарем и она убавото може да те засити, зарем може да се заситиш од удобност, среќа?
Се заситив да од удобност бидејќи започнав да се чувствувам неудобно покрај сите тие луѓе во светот кои живеат мизерно, а нема кој да им помогне.
Одат на работа која ја мразат и се дружат со оние што не ги сакаат, не знаејќи дека нивните соништа може да ги однесат на врвот, а самотијата да им помогне да се спознаат себеси, бидејќи самиот себеси можеш да си бидеш најпријатно друштво и што е најважно кога ќе се запознаеш целосно, нема да се напуштиш.
Се заситив од среќа, бидејќи постојат толку многу несреќни луѓе кои не знаат дека среќата зависи само од нив, некои не ни знаат дека таа постои.
Се заситив од сè, знам дека сте заситени и вие, ете затоа си легнав, легнете си и вие, размислете во свое друштво, ако ви е подобро, разговарајте малку со себе и не се чувствувајте лошо заради вашата состојба, бидејќи верувајте. сите пионекогаш се чувствуваат исто како вас.
Некои помалку, некои повеќе, некои се заситени, некои гладни…
А други како мене се прашуваат “Живеј го секој момент како последен, сериозно?”
Јас порадо би легнала да одморам…