Ме оставаш? Почекај...
…Да ти ја отворам вратата, бидејќи сум културна, нели? Така ме научи ти, културата на ниво, дури и кога сакаш некого да го исфрлиш на клоци, културно ќе му ја отвориш вратата да си замине, а потоа ќе ја треснеш.
Срцето ми чука забрзано, пулсот вришти, а очите се воздржуваат да не пуштат солза, не смеам си викам никогаш повторно да заплачам пред тебе, тоа е знак на слабост, иако ти ме убедуваше дека е знак на љубов.
Не го расплакуваш тој што го сакаш знаеш, го насмевнуваш!
Надежта ме изневери, а егото ми врза културен шамар со зборовите - Повторно те остава, по не знам кој пат, зошто не се откажеш, кога гледаш дека тој де се откажува, де се премислува?
Колку пати треба да те остави за да сфатиш дека тоа му го рани егото, а не може да го остави да умре од глад нели?
Мислите се борат со емоциите, вечна борба помеѓу умот и срцето, тоа второто секогаш победува, но не и наредниот пат си велам.
Ова е последен пат!
Сакаш да ме оставиш повторно? Те прашав, а ти како кукавица молчеше и ништо не кажуваше. Таков беше секогаш, зошто би било поразлично овој пат, се тешев...
Повторно те прашав – Сакаш да ме оставиш, по кој пат?
Што сакаш од мене, сакаш ли да клекнам на колена и да те молам? Тоа ли го сакаш?
Можеби овој пат ќе клекнам да, но за да те преколнам да заминеш и да ме оставиш барем еднаш навистина, нека биде засекогаш.
Сакаш да ме оставиш? Слободно, ене ја вратата, само почекај те молам, почекај јас да ти ја отворам.
Само знај дека овој пат кога еднаш ќе ја затворам, повеќе никогаш нема да се вратиш назад, клучот нема да биде повеќе во рацете на моето срце, ќе биде во рацете на мојата гордост.
А таа верувај никогаш повеќе нема да ти ја отвори вратата и да ти дозволи да ја прегазиш!
Д.М. | Црнобело