Дожд од бакнежи, а невреме?
Јас сум таква, уживам во невреме и бура, го обожавам мирисот на дождот и влажниот воздух.
Можеби годишното време во кое сум родена влијае врз моето расположение и психа, не знам, но знам дека таа есен, моја есен, тој беше мој!
Веќе ништо не е исто. Знам дека звучи збунувачки. Од есен, дожд и влажен воздух веднаш преминав на него. Но, како да се воздржам кога сè што е поврзано со есен ме потсетува на него.
Посебно невреме. Зошто ли?
Беше студена есенска ноќ, но иако беше ладно на двајцата ни годеше бидејќи сме слични. Понекогаш од толку сличности се прашувам дали сме крвно поврзани или сепак тој е само она нештото кое што го бараат луѓето цел свој живот - мојата сродна душа.
Таа вечер, тензијата растеше, мојата збунетост измешана со страв и со љубов помешана со неговата решителност, адреналин и машкост на кој не можев никогаш да одолеам ме направија да се почувствувам како на седмо небо на кое во истиот момент се судираа два облаци.
Започна да врне, а ние решени да му се придружиме на дождот се движевме во неговиот ритам и настана дожд од бакнежи кој не можеше да престане и најавуваше невреме за кое и двајцата бевме свесни. Но, одлучивме да останеме и да уживаме во неговата убавина која е несфатлива за поголем дел од луѓето во светот. Исто како чудна слика во музеј на која сите и се гледаат, но никој не разбира каква порака или чувство сакал да пренесе уметникот.
Влажниот воздух измешан со неговиот парфем ме возбудуваше уште повеќе. Ветерот почна да ме гали по цело тело, но сепак неговиот допир беше тоа што ме тераше да се ежам секогаш кога ќе го почувствував на моја кожа.
Кога ќе се присетам на таа вечер сè уште го чувствувам тој мирис, тој страв, тие бакнежи, таа возбуденост и се прашувам дали сонував?
Дали сето тоа беше сон или...? Или навистина се случи?!
Не знам, само знам дека долго време се немам почувствувано како што се чувствував таа вечер.
Таа вечер имаше дожд од бакнежи, а потоа силно невреме кое беше иницирано од нашата љубов.
Денес... Денес нема ни дожд од бакнежи, а камоли невреме. Зошто?
Знам и самата, но се плашам да си одговорам на тоа прашање, бидејќи ќе предизвикам невреме, но овој пат невреме во душата!