„Касни - Порасни“ - Сликовница која ќе ве врати во слаткото детство
Додека растевме сè беше поинтересно, пошарено, повкусно. Посебно тешки беа одлуките кое овошје ни е омилено, кое колаче да го каснеме денес, а кое да го оставиме за утре.
Ех, што беа слатки маки! А, „Касни-Порасни“ беше една од највкусните.
Не заради тоа што бевме жедни за нешто ново и до тогаш невидено, туку затоа што сликичките и стиховите беа секогаш неодоливо весели.
И кога по стоти пат во денот ги прелистувавте, пак ќе ви се пријадеше по некоја јаготка, смоква, парче лубеница...
Јагоди
Ко жарчиња в лице горат,
мислиш нешто срамно зборат,
или пак, на сите места,
од нас им се зема свеста,
па одвај го држат сокот
за да не му мине рокот.
Лубеница
Ах, таа лубеница, таа деница
среде поле, ко негова реченица,
дали има нешто повеќе што блажи,
не може со полна уста да се каже...
Само една пчела остана да бучи,
верувајќи дека друго ќе се случи.
Смоква
Зелено вирче роса,
торбе, полно ситно просо,
низа на врат што се носи...
Но најмногу од се:
слаткарницата што умее
од теглата да се смее.
Успеавме ли да ве вратиме, барем за миг во детството?