Започнете да ги запишувате своите желби!
Во ова конфузно време, кога сè почесто се трудиме да го достигнеме недопирливото, често пати се губиме самите.
Живееме брзо, се откажуваме од својата среќа, а вложуваме многу. Се трудиме за многу кратко време да постигнеме што повеќе за да не го разочараме светот.
А, кога за последен пат сте се запрашале што ние сакаме од светот? Или уште потешко, што сакаме од самите нас?
Присетете се на деновите кога наместо планот на обврски, ги запишувавме нашите желби, па вешто ги криевме под перница, во џеб, било каде низ собата...
Вратете се во тоа време. Започнете и завршете го денот исто како и порано, со реченицата „Драг дневнику...“
Што ве промени од тогаш до сега? Пораснавте? Заборавивте да пишувате? Ја изгубивте близината со моливите кои со часови ги остревте и листовите кои ги туткавте на секоја минута?
Вратете и се на оваа прекрасна навика! Можете да ја практикувате секаде. На улица, дома, па дури и додека се возите.
Зборувајте со вашето внатрешно јас и прашајте го што сака. Може пријатно да ве изненади!
Секој запишан ред, страница ви дава впечаток дека својот живот го имаме во нашите раце, го гледаме како нешто опипливо. Си давате можност по којзнае кој пат самите да се запознаете.
Како мали точно знаевте што сакате, нели? Нова книга, играчка, карта за кино... А денес? Ќе сфатите по само првото искрено соочување со внатрешниот глас. Затоа, дајте му шанса.
Можеби ќе пронајдете искрена, несигурна и срамежлива душа, полна со горчина. Можеби нешто сосема ново, поинакво, различно.
Хартијата трпи сè, затоа запишете!