А, сите си одиме од оваа наша земја...
Читам книга додека чекам автобус. Со работите сум ја зафатила и другата половина од клупата. Во еден момент ме прекина еден повозрасен човек кој ми се приближи:
„Госпоѓице, дали може да седнам?”
„Секако, секако, повелете“, побрзав да ги тргнам работите и да се вратам на читањето. По неколку минути, со крајот на окото забележав дека нешто фрла на улица. Не ме интересираше премногу што, бидејќи сакав да се посветам на читањето, за кое ретко кое наоѓав време, а го сакав. Сепак, го погледнав кога стана и се обиде да ја крене кесата која му падна. Беше полна со храна за птици.
Ме погледна и ми рече: „И тие се живи суштества...“
Се насмевнав и го погледнав подобро. Имаше седумдесетина години, сламен шешир и оној внатрешен мир каков ретко ќе сретнете.
„Знаете, во Шведска на секој чекор има храна за птици. Швеѓаните се прекрасни луѓе. Добри, скромни, се грижат за другите. Не се како кај нас. Овде луѓето попрво би ја фрлиле храната, отколку да ја дадат на некој друг.“
Ја затворив книгата за секунда. Сум слушала слични приказни за Шведска и некое време размислувам за школување во тој регион. Посебно ме фасцинира таа грижа кон животните, бидејќи тогаш знам дека грижата за луѓето е задолжителна. Сепак, ме интересираше што е тоа што на една балканска душа може да и недостасува во Шведска.
„Вие живеете во Шведска?“
„Да, веќе 20 години. Но, сакам наскоро да се вратам на Балканот. Таму имам куќа. Синот сака да ја продадеме и да купиме некоја покрај езеро или на планина. Ако така биде, ќе живеам повторно тука.“
„А зошто се враќате? Имате ли некој таму?“ го распрашав љубопитно.
„Да. Жена ми. Таа не сака да се врати. На жените во Шведска им е прекрасно. Син ми е во Америка. Секој кој би рекол дека во Шведска не е добро, би те излажал. Но, знаете, не е добро она што е добро, туку она што го сакате“, мудро прошепоте и се насмевна.