Поучна приказна: Желбите на трите дрвца
Многу работи во животот е полесно да се кажат отколку да се направат, но ова е приказна каде вербата и упорноста победуваат.
На една височинка израснаа три дрвца. Еден ден почнаа да зборуваат за своите надежи, соништа и желби.
„Еден ден се надевам дека ќе бидам ковчеже за богатство. Сакам да бидам исполнет со злато, сребро и скапоцени камења. Однадвор да бидам украсен со сложени резби и сите да ми се восхитуваат на убавината“ – рече првото дрво.
Потоа се јави второто дрвце: „Јас сакам да бидам голем и моќен брод. Со мене да пловат кралеви и кралици во секој агол од светот. Да ги штитам од ветрот и морските бури и секогаш да ги чувам безбедни.“
„Јас сакам да бидам највисокото и најправото дрво во светот. Луѓето да ме гледаат како гордо стојам на ридот и сум блиску до Бога. Сакам да бидам најголемото дрво на сите времиња и да ме запаметат засекогаш!“ – самоуверено проговори третото дрво.
По неколку години кога дрвата пораснаа и станаа големи стебла, на ридот дојдоа дрво сечачите.
Еден од нив погледна во првото дрво и рече: „Ова ми изгледа како цврсто дрво. Мислам дека ќе можеме да го продадеме на некој столар и почна да го сече.“
Првото дрво беше пресреќно бидејќи знаеше дека столарот ќе направи од него преубав ковчег за богатство.
Кога стасаа со второто дрво, шумарот рече: „И ова дрво изгледа доста добро. Да го носиме на бродоградилиштето.“
Второто дрво беше возбудено бидејќи знаеше дека е на добар пат да стане брод.
Кога стасаа до третото дрво, тоа трепереше од страв бидејќи знаеше дека ако го исечат неговиот сон нема да се оствари и тоа никогаш нема да порасне толку високо, за да биде близу до Бог.
„Мене не ми треба за ништо ова дрво, но ми изгледа стабилно, па ќе го земам со себе.“ И го пресече дрвото.
Кога првото дрво пристигна кај столарот, тој набрзина го изделка и од него направи мала, дрвена кутија која ја постави во шталата, а во нејзе стави сено за да го храни добитокот. Ова воопшто не беше она за што првото дрво сонуваше.
Второто дрво не помина подобро. Од него направија мал рибарски чамец, а желбата дека на него ќе пловат кралеви згасна.
Третото дрво беше пресечено на големи парчиња и оставено во мракот.
Годините минуваа и дрвата заборавија на своите желби.
Еден ден во шталата се засолни една бремена жена и тука се породи. Бебето беше ставено во кутијата за сено, која беше направена од првото дрво, а жената беше пресреќна што има каде да го засолни своето дете. Во тој момент дрвото почувствува како во своја закрила го има најголемото богатство на светот. Тоа беше Богородица.
Години подоцна на рибарското чамче пловеа група луѓе. Наеднаш морето се разбранува, а чамецот само што не се преврти. Тогаш еден од луѓето кои пловеа, мирно стана, погледна кон небото и рече: „Нека морето биде мирно.“ И тоа се смири. Второто дрво во тој момент знаеше дека на себе го носи кралот над кралевите. Тоа беше Исус.
После неколку години на улиците преполни со луѓе се движеше еден човек, а на својот грб го носеше третото дрво. Луѓето го навредуваа додека поминуваше, а тој мирно се движеше под тежината на дрвото кое го влече. Се искачија на истиот рид каде дрвото некогаш растеше, го заковаа човекот врз него и го исправија кон небото. Во тој момент третото дрво знаеше дека не ни можеше да сонува дека еден ден толку ќе биде близу до Бога. Исус беше распнат на него.
Секогаш кога ни се чини дека работите не се одвиваат онака како што сакаме, кога изгледа како се да тргнало наопаку, не очајувајте - постои план за секој од нас. Ако верувате доволно силно, ќе го добиете она што го сакате!
Секое од дрвата го доби она за што сонуваше, но не на начинот кој го замислија, туку на многу подобар.