Пет видови на скопски фраери
Далеку од тоа дека Скопје е Њујорк, па сега имаме 100 вида на мажи кои освојуваат. Всушност, имаме ние прекрасни мажи овде, но секако дека сите имаат своја мана, исто како и жените.
Сепак, од масата на луѓе со недостатоци, секогаш ги издвојуваме овие пет типа Скопски фраери кои се деноноќно неподносливи.
Посветен татко
Фраерот кој ќе закачи слика од своето дете ангелче, а само неколку часа подоцна го гледате во дискотеката закачен до најлесната девојка која некогаш сте ја сретнале. Мајката е онаа која се грижи преку викенд, а тој се јавува исклучиво преку недела, kога мора да седи дома. Но, тој е посветен татко. Прекрасен татко кој има слика од своето синче на профилот.
Странец
Од каде што доаѓа - никој не го знае нити познава, ама затоа тука е главен фраер со странскиот акцент. Троши повеќе од сите затоа што тој има “поразлични стандарди”, а живее во некоја дупка од стан каде што никој никогаш не влегол.
Жртва на системот
Во Македонија ништо не се може. Сè е ужасно. Како баш тој, образован и млад интелектуалец, не може да најде пристојна работа? Секако, тој нема да работи за 300 евра. Зошто, кога неговото знаење вреди многу повеќе? Затоа, тој живее со својата мајка и не може да најде пристојна девојка.
Главен на улиците
Тој е Ал Капоне во својата населба, во која во главно и не живее. Тој живее малку подалеку од градот, но ја користи секоја прилика да се покаже во градските дискотеки и ноќни клубови. Родителите продале некое парче земја за да го запишат на приватен колеџ, да му купат најнов модел на смартфон, Адидас патика и тренерка и што ли уште не... Од музика слуша сè, ги обожава сите типови на девојки, а посебно оние кои се исти како него. Единствена култура која ја поседува се бактериите, но и понатаму е на врвот.
Фраерот во сериозна врска
Тој и неговата најмила се сакаат најмногу на свет и заедно се веќе долги години. Сепак, тоа не му пречи да брка малолетни девојки во ноќните клубови. На профил слика тој и неговата наивна девојка се сакаат и не можат да се одвојат, па дури по малку наликуваат на трагично заљубен пар. На никој не му е јасно како функционираат, но тој сепак е совршениот дечко кој некогаш може да го посакаш, барем таа така кажува.
Искрени честитки на сите оние добри фраери кои не спаѓаат во овие пет категории – бушавиот дечко кој сака да фотографира, слаткиот фраер со мила насмевка, верниот дечко на пријателката, најдобриот другар и сите останати фраери кои на сите ни ги полнат очите со среќа.