Писмото со животни совети на еден дедо за неговите внуци
Писателот и поет Џејмс К. Фланаган од Њујорк на своите внуци им оставил едно писмо со бројни совети кои ги научил во животот. На 3-ти септември 2012 година, откако починал од срцев удар, со дозвола од неговата ќерка писмото е објавено.
Драги Рајан, Конор, Брендон, Чарли и Мери Катерин,
Мојата драга и мудра ќерка Рејчел од мене побара да ги запишам советите кои ги извлеков од животот.
Ова писмо го почнувам на 8-ми април 2012 година, точно на мојот 72 роденден.
1. Секој од вас е најубав дар од Бога за вашето семејство и целиот свет воопшто. Потсетувајте се на тоа секогаш, особено кога се сомневате самите во себе, или кога сте обесхрабрени.
2. Не плашете се од никој и ништо и живејте со полни гради. Следете ги своите желби и надежи, без разлика на тоа колку се тешки, или се разликуваат од туѓите. Луѓето често пати го прават она што би требало, а не она што го сакаат бидејќи постојано мислат што другите ќе кажат, или помислат.
Запомнете една многу важна работа: луѓето кои не ви носат врела супа кога сте болни, или ако не се покрај вас кога сте во неволја - не вредат!
3. Сите ние сме сосема обични луѓе. Некои кои носат прескапа облека и имаат повисоки титули, или моќ мислат дека се над сите останати, но тоа не е така. Тие ги имаат истите сомневања, стравови и надежи, јадат, пијат и спијат исто како и сите останати.
4. Кога ќе пораснете и ќе добиете деца, секогаш имајте ја на ум ирската поговорка: Фалете ги вашите деца и тие ќе цветаат!
5. Бидете добри и секогаш помагајте им на луѓето – посебно на оние послабите, оние кои се исплашени. Сите тие носат своја тага во душата и само им е потребно ваше сочувство.
6. Не се приклучувајте кон војска или кон било која друга организација која ве тренира да убивате. Војната е зло. Сите војни започнале заради стари луѓе кои ги прелажале младите мажи да се презираат и убиваат едни со други. Старите преживуваат и како што ја започнале војната со лист и молив, на истиот начин и ја завршуваат.
7. Читајте книги колку можете повеќе. Тие се прекрасен извор на уживање, мудрост и инспирација.
8. Секогаш бидете искрени.
9. Патувајте кога и да ви се пружи шанса, посебно додека сте млади. Не чекајте да имате доволно пари, или сите коцки да се поклопат. Тоа никогаш, ама баш никогаш нема да се случи.
10. Изберете професија и работа која ќе ја сакате. Секако, ќе има тешки моменти, но работата мора да ви биде уживање.
11. Не викајте! Тоа никогаш не успева, а се повредувате и себеси и другите. Секој пат кога викав, јас лично, доживував големи неуспеси.
12. Секогаш исполнувајте ги ветувањата кои ги давате. Не кажувајте „ќе видиме“ ако во себе мислите „не”. Децата ја очекуваат вистината, затоа дајте им ја со љубов и добрина.
13. Никогаш не кажувајте дека сакате некој, ако тоа не е вистина.
14. Живејте во хармонија со природата: излегувајте, шетајте, уживајте во воздухот, водата, ветерот, сонцето...
15. Гушкајте ги луѓето кои ги сакате. Кажете им колку ви значат, не чекајте до моментот кога ќе биде предоцна...