Неговиот vs. нејзиниот дневник
Малку постара приказна, но видовме дека ни недостасува во „евергрини“ па би сакале да ја имаме во нашата архива, а и вие да се потсетите на неа.
Нејзиниот дневник
Во саботата вечер ми се причини нешто чуден. Се најдовме во кафулето и испивме по една пијачка. Помислив дека јас сум крива за тоа бидејќи цело попладне бев со пријателките во шопинг и малку задоцнив на состанок, но тој ништо не искоментира. Разговорот запнуваше, па му предложив да отидеме на некое поинтимно место каде што би можеле на мира да поразговараме. Отидовме во еден ресторан, но тој продолжи чудно да се однесува. Изгледаше како да е отсутен со духот.
Се обидов да го расположам и почнав да размислувам дали сум јас крива што е таков или постои некоја друга причина. Се прашував што му е, а тој ми одговори дека тоа нема врска со мене. Одговорот не ми звучеше уверливо. Додека се враќавме дома со автомобилот, му реков дека многу го сакам, но тој ништо не одговори, само ја префрли раката преку моите раменици.
Не знаев како да го објаснам неговото однесување бидејќи не ми возврати дека и тој мене ме сака, ниту пак било што рече, па уште повеќе се загрижив.
Кога конечно стигнавме дома помислив дека сака да ме остави. Се обидов да го наведам на разговор, но тој го запали телевизорот и почна отсутно да го гледа програмот. Како да ми дава до знаење дека помеѓу нас е готово.
На крајот се откажав и му реков дека ќе си легнам. Десетина минути подоцна дојде и тој и на мое изненадување одговори на моите милувања и почна да води љубов со мене. Но, и понатаму изгледаше занесено.
Сакав да се соочи со ситуацијата, да разговарам со него што е можно побргу, но тој заспа. Почнав да плачам и плачев се додека не заспав. Веќе не знаев што треба да направам. Речиси сум сигурна дека мисли на некоја друга. Мојот живот е комплетна катастрофа.
Неговиот дневник
Денес играше репрезентацијата и изгуби. Но, барем јас се сексав.