Последната вечера
Со мојата сопруга бевме во брак речиси 22 години. Едно утро таа почна да инсистира да излезам на состанок со друга жена и да ја однесам на кино. Ми рече: „Те сакам, но знам дека и оваа жена неизмерно те сака и верувам дека би сакала да помине некое време со тебе“.
Искрено, навистина ме изненади, но знаев дека Мила не би ми рекла такво нешто ако нема добра причина.
Другата жена која мојата сопруга ја предложи беше мајка ми – мирна вдовица веќе 19 години, која го трпеше бремето на мојата посветеност на работата и грижата за моите три деца, сопругата и домот.
Ја посетував многу ретко, затоа што секогаш бев преморен од премногу работа. Се решив да ја послушам Мила. Завршив порано со работните обврски и се јавив кај мајка ми да ја поканам на вечера и кино. Очекував дека ќе биде изненадена бидејќи навистина не наоѓав време за дружба „мајка и син“:
Што не е во ред, сине мој? Дали си добро? – ме праша сомнително.
Мајка ми е таков тип на човек, како и сите повозрасни, кој верува дека повик доцна во ноќта секогаш означува лоша вест. Ја прекинав за момент:
„Мислев дека би било убаво, јас и ти да излеземе малку, да поминам малку време со тебе мамо, долго не сме се виделе“, и реков. „Само ние двајца“. Почувствував дека се колеба за момент, но, не дозволи да чекам и веќе веднаш почувствував радост во нејзиниот нежен глас.
Ми одговори: „Би сакала, многу“.
Се подготвив, а сепак додека возев кон нејзиниот стан за да ја земам бев прилично нервозен. Кога пристигнав, забележав извесна нервоза и кај неа додека ме чекаше на вратата, облечена во капут и чевли кои ги чуваше за специјални излегувања.
Мајка ми се имаше навистина дотерано со мерак – косата во пунџа и фустанот кој го носеше на последната годишнина од бракот со татко ми.
„Им кажав на пријателите дека излегувам во мојот син, сите беа импресионирани“ ми рече, додека влегуваше во автомобилот.
„Сигурна сум дека одвај чекаат да им раскажам како сме си поминале.“
Јас имав резервирано во еден пристоен ресторан. Атмосферата беше пријатна со музичари кои свиреа пријатна инструментална музика. Ми беше мерак да ја држам мајка ми под рака, да и го придржам капутот и да и помогнам да седне на столчето.
Келнерот ни принесе мени. Мајка ми можеше да ги прочита само големите букви бидејќи ги беше заборавила очилата, при што забележав дека потајно гледа во мене и чека да ја погледнам за да ми каже нешто.
Срамежливо и шармантно, со носталгична насмевка ми рече „Кога беше мал, јас тебе ти го читав менито и заедно одбиравме што ќе јадеме.“
Се насмевнав и возвратив „Тогаш е време да си и смениме улогите мамо“.
Нарачавме и по една чашка вино. Уживавме до пријатен разговор за животот, среќата и привилегијата да се биде родител, моментите од минатото. Толку многу бевме задлабочени што го пропуштивме терминот за во кино. Откако вечеравме, ја вратив дома
„Повторно ќе излеземе сине, само ако ми дозволиш нареден пат јас да те поканам“ ми рече. Се согласив и и’ посакав добра ноќ.
Кога пристигнав дома, Мила ме запраша како си поминавме.
„Многу убаво, драга. Многу поубаво од што можев да претпоставам“ и реков – „Ти благодарам душо“ – ја бакнав и и’ посакав добра ноќ.
Неколку дена подоцна, мајка ми почина од срцев удар. Тоа се случи толку ненадејно што јас не успеав да направам ништо за неа. После неколку дена, добив писмо со покана за вечера во кое имаше и платена сметка, во истиот ресторан каде што бевме со мајка ми неодамна.
Во пораката пишуваше „Сине, јас ја платив оваа сметка однапред бидејќи не бев сигурна дали ќе успеам да дојдам на оваа вечера со тебе. Но, сепак – платив за двајца, па би те замолила да одиш таму со твојата сопруга, во моја чест. Никогаш нема да знаеш што значеше нашата последна средба за мене. Те сакам сине. Збогум“.
Заплакав. Во тој момент ја почувствував важноста на зборовите „те сакам“. Употребата на овие зборови во кругот на нашите најблиски е само доказ дека тие заземаат значајно место во нашите животи.
Ништо во животот не е поважно од семејството – затоа посветете им го времето кое го заслужуваат, пред да биде доцна...