Големата смисла на малите нешта
Замисли една голема слагалица и на неа фалат само неколку делчиња. Иако ја гледаш целат слика, сепак нешто недостасува, нешто ја прави непотполна.
Замисли сега еден сад на чие дно има неколку дупчиња, едвај видливи со човечко око. Што би се случило ако ставиме вода во него? Садот нема да може да ја задржи течноста, а за некое време целата ќе истече.
Замисли сега еден моќен автомобил на чиј мотор недостасуваат малечки шрафчиња. Ако автомобилот тргне со таков мотор, може да предизвика смрт на луѓето во него.
А, сега, замисли си го својот живот, секој ден испреплетен со разни работи. Некои од нив се со толку големо значење што може да ти го променат животот за 180 степени. А, на другите толку си навикнат да ги доживуваш секојдневно и потполно природно – станување, работа, училиште, факултет, вечера, телевизија, спиење. Следниот ден истото од почеток.
Но, постојат и оние мали нешта кои не ги забележуваме и не ги правиме често. Тоа се малите нешта, како на пример состојки за додавање во некој оброк – може и без нив, но ако не ги ставите во храната – вкусот ќе биде лош. Таквите нешта можеби нема да го променат правецот на вашиот живот, но сигурно ќе го исполнат вашиот ден и ќе ја зголемат смислата.
За жал, често ги пропуштаме овие мали нешта – еден сончев зрак кој ѕирка низ густите и темни облаци; нежното цвркотење на птиците кои се радуваат на пролетта која доаѓа; веселата насмевка на децата кои си играат во дворот...и уште многу ситници кои ретко ги забележуваме.
Можеби затоа што сме навикнати да бидат дел од нашето окружување, па не ги разликуваме од големите нешта. А, вистината е, дека штом научиме да ги препознаваме и да им се радуваме, дури тогаш ќе почнеме да им се насладуваме на овие моменти во животот. И дури кога ќе се будиме благодарни за овие мали нешта, дури тогаш ќе доживееме вистинско задоволство во животот.
Како вие гледате на овие навидум мали и безначајни нешта? Успевате ли да ги препознаете во текот на денот и дали ги цените доволно?
Само вие го знаете одговорот на овие прашања. Ти си единствениот кој одлучува кои состојки треба да ги стави во овој оброк на Животот.
Направи го таков, за да ти биде вкусен и пријетн, и да ти овозможи насладување и задоволство.