Приказни на Македонец - рецепционер во хотел: „Сомнителен маж ме демнеше преку прозорецот додека работев, викнав полиција“
Нешто после полноќ, на безбедносните камери видов млад дечко пред хотелот... Ме демнеше преку прозорецот додека работев на компјутерот. Потоа го залепи прстот на хотелското ѕвонче и не сакаше да го тргне. Мислам дека таа вечер го сонував тој звук!
Луксузните хотели секогаш ги имаат најдобрите локации. Скоро секогаш се во близина на главните знаменитости, со добра конекција за движење низ градот и надвор од него, централно позиционирани ти овозможуваат лесно го истражиш и доживееш местото што го посетуваш.
Преку ден, овие локации секогаш се исполнети со замислени луѓе, забрзани туристи, такси возила... Но, кога ќе се стемни и часовникот ќе означи полноќ, тогаш целото опкружување добива една поинаква перспектива.
Хотелот во којшто работам е на педесетина метри од главната железничка станица на градот, но штом ќе го снема сонцето, кое понекогаш не се појавува со денови, наоколу почнуваат да се движат бездомници и многу сомнителни лица. Да бидам искрен, тие скоро и да не прават некаков проблем, но секогаш ќе се најде по некој чудак што знае да те извади од такт преку ноќ!
Неодамна, нешто после полноќ, додека ги подготвував извештаите за следниот ден на големиот телевизор кој ги прикажуваше камерите што снимаа пред хотелот, видов еден млад дечко како со рацете потпрен на ѕид, очајуваше.
Не беше бездомник. Гледав што ќе направи следно и очекував дека за брзо време ќе си замине.
Скоро и да заборавив на него, кога по десеттина минути, една гостинка од Кина заѕвони на ѕвончето, јас ѝ ги отворив автоматските врати и пред да се затворат, влезе човекот што го видов на камера.
Изгледаше пијано и малку чудно. Ми кажа дека му побегнал возот, па мора да чека до пет наутро за да го фати првиот воз. Сакаше да резервира соба, но бидејќи целиот капацитет беше пополнет, не можев да му дадам потврден одговор.
Не сакаше да го прифати тоа, мислеше дека го лажам, па во знак на бунт седна на фотелјата во лобито и не сакаше да си замине.
Дојде обезбедувањето, на фин начин му рече дека мора да го напушти хотелот, но тој се правеше како да не постоиме и не сакаше да си замине. Во тој случај, моравме да викнеме полиција, која се појави за кратко време.
Дечкото тврдоглаво велеше дека го лажеме и не се поместуваше, сè до моментот кога двајца полицајци не го фатија за двете раце и го изнесоа од хотелот. За малку фалеше да го однесат во полициска станица.
Помислив дека вечерта може да си продолжи по вообичаениот тек, но истиот човек повторно го забележав на камерите. Едно време седеше на скалите и подоцна пак се нацрта пред самиот влез.
Ме демнеше преку прозорецот додека работев на компјутерот. Ѕвереше во мене без престан и кога му здодеа, го залепи прстот на хотелското ѕвонче и не сакаше да го тргне. Мислам дека таа вечер го сонував тој звук!
Дечкото ми правеше психичка тортура таа ноќ, па морав повторно да се обратам на полиција.
По второто доаѓање на полицајците повеќе не го видов. Мислам дека го однесоа во полициска станица каде ја помина ноќта.
Очекував дека ќе се појави во раните утрински часови и дека ќе направи некоја глупост штом влезните врати ќе бидат отворено, но за среќа никогаш повеќе не го видов!
Сето ова буквално се случи еден ден подоцна откако во сред лоби еден постар човек доживеа епилептичен напад и побегна, оставајќи парталави торби зад себе.
И така, се случуваат и вакви работ одвреме-навреме. Само треба да знаеш како на вистински начин да постапиш и себеси да не се изложуваш на опасност.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Дечкото од рецепција / фото: pexels.com