Нова година некогаш и сега: Сè се смени, останаа исти само руската салата и кифличките
Новогодишна трпеза: сарма, кифлички и руска салата
Иако скоро сè се смени во поглед на славењето на Нова година, трпезата остана иста. И кога имав пет, десет, дваесет и сега во мојот дом, далеку од Македонија, ги подготвувам истите македонски традиционални специјалитети без кои не може да се замисли ноќта на 31 декември – сарма, тазе месени кифлички и руска салата. А, верувам дека во 90% од македонските домови е исто.
Не може да се замисли ни слава, ни роденден, ни Нова година без чинија полна со овие вкусни домашни мајстории. И секоја мајка си има свој „славен“ рецепт за руска салата, која е тема на дебата на работното место со колешките.
И секако пиво, вино и сок за најмалите, многу торти и колачи, подготвени од вредните раце на мама и баба, со многу фил, ореви, чоколадо и декорирани со шлаг во боја од кои јазикот три дена по ред е црвен или зелен.
А сега, хит се оние суви колачиња, кои изгледаат совршено, речиси пластично, одлични за фоткање за на Инстаграм, но без она познатото „ми потекоа лиги“ колку се вкусни.
Од новогодишните традиции не смее да се заборави и легендарниот филм „Сам дома“ која секоја телевизија го емитува кој крајот на декември.
За тинејџерите и средношколците – најлудата ноќ
Ако некој со душа го чека крајот на декември, тоа се тинејџерите и средношколците.
Токму за нив, дочекот на Нова година е најлудата ноќ од годината бидејќи немаат време кога да се вратат дома, дури следниот ден.
Кога јас бев во тие години, а сега гледам дека не е многу сменето, шемата е иста: се изнајмува стан, куќа или кафуле, се купува многу алкохол и грицки, и се изнајмува силно озвучување.
И секако, тие забави траат, и до две ноќи по Нова година, додека сè не се допие.
Танцување цела ноќ, првите пијанства, првите бакнежи – многу спомени од тие луди новогодишни забави...
Патувања и луксузни вечери
Во последниве години вистински хит се новогодишните патувања. Јас лично никогаш не би патувала во зима, бидејќи во мразам студот! Но, според понудите на туристичките агенции, побарувачката е висока.
Секако, главните градови на соседите се секогаш барани, посебно Белград со неговите сплавови и клубови, а за поромантичните, тука се Истанбул или Венеција.
Будимпешта, Прага, Виена и градовите на црногорското приморје се исто така популарен избор за дочекот на Нова година, со најразлични понуди, од собири на плоштадите, до кафеани со жива музика и вечери во луксузни ресторани. Има по нешто за сечиј вкус, а и џеб.
А оние кои остануваат во Македонија, секоја година е истото сценарио, журката почнува попладне, со познатите afterwork забави, a подоцна или во ресторан, бар или за поенергичните, кафеана или дискотека.
Но, ги има и оние кои сакаат Новата година да си ја дочекаат дома, секако со руска и кифлички, и елка во црвено-златна боја.
Каде вие ќе ја дочекате новата 2024 година?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / фото: depositphotos.com