„Стојам пред полицата со ајвар во маркетот и се сеќавам на времето кога со баба ми правевме зимница“
Се сеќавам на времето кога со баба ми правевме зимница. Есен, веќе почнуваше да доаѓа оној ладен период од годината. Ќе го запалевме огништето со неколку дрвца којшто мојот дедо ги исцепил и ќе седневме покрај него уште во раните утрински часови. Муабетевме покрај него со часови, додека ги печевме црвените пиперки купени од првите селани на пазарот. Кршевме од ѓевречето, уживајќи во моментот, слушајќи го горењето на дрвцата и мирисајќи го чадот од пиперките што се печеа.
Додека, пак, денес стојам пред полиците со ајвар во маркетот и се мислам која тегла да ја изберам. Искрено, прилично „солени цени", но се прашувам дали ќе биде вкусот како оној на мојата баба – пржен и благо-луткаст.
Се сеќавам на времето ќе нè посетеше и сосетката отспротива, воедно најдобрата пријателка на баба ми со која го озборуваа целото маало.
Ќе ѝ дадевме да го дегустира ајварот, а таа пак во нејзин стил ќе ни кажеше: „Комши, ајварот ви јаде уште сол”.
За баба ми нејзиниот збор беше заповед, па така веднаш ќе додадеше уште малку сол.
Додека пак на одење, таа знаеше да ни дофрли: „Да не заборавите да го оставите малку мајка му да го земе“, со ова мислејќи на тоа ајварот да го оставиме малку да отстои, пред да го затвориме во теглите.
Се прашувам зошто основната слика за есента – правењето на зимница, почна сè повеќе да ја снемува... Дали младите не сакаат толку да се мачат со подготовките или поедноставно и побрзо им е да си купат од продавница?
На времето, по ајварот, веќе следниот ден, мојот дедо чекаше на пазарот да најде сливи или кајсии по спуштена цена за да можеме да направиме домашен џем и слатко. Некако ќе се исценкаше со пазарџиите и еве го со својот велосипед, а на него вреќите овошје.
Баба ми возбудена веднаш ќе го земеше ножот за да проба од сливите, да види каков им е вкусот. Да провери дали се благи или ќе треба да ставаме повеќе шеќер во џемот од лани.
Искрено, ова се спомените од едно детство во кое целото семејство работеше сложно како мравките за да се подготви за наводно долгата и студена зима.
Паметам ќе ги наредевме теглите со зимница во подрумот буквално како мозаик, да не знаеш која да ја одбереш, секоја носи своја посебна убавина. Особено бидејќи е направена заеднички со љубовта на семејството, со твоите раце.
Овој мозаик сега можете да го најдете во секоја продавница, но не знам дали со него гратис ја продаваат и хармонијата на семејството коешто ја направило таа зимница.
За вкусот не би сакал ни да коментирам, но доколку ја прашате мојата баба таа ќе ви каже дека дека нема како домашниот ајвар.
Во моето семејство се правеа и кори, не знам дали знаете на што мислам, но ние во Битола така си ги викаме. во Скопје мислам - јуфки.
Моите родители ќе го замесеа тестото, еден ќе го вртеше на машината, а другите здружeно ќе ги носевме да се сушат на сонцето.
Овој период од годината за мене е цел тефтер од спомени. Нема ништо послатко кога си на трпезата со твоето семејство и го јадеш плодот направен со твоите раце. Јадеш нешто коешто е резултат на заедничкиот труд и љубовта.
Како што ви кажав и на почетокот стојам пред полицата со зимница во маркетот. Штотуку одбрав една тегла со ајвар, таа највеќе ми изгледа како домашна.
Се надевам дека ќе биде доволна за да ми ги наврати детските спомени и да ме потсети на моето семејство, на деновите кога бевме сите заедно.
А за вкусот дали е како оној на баба ми друг пат ќе ви кажам.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Б. | Црнобелo / фото: freepik.com