Сменете го каналот кога од ТВ екранот вреска неморална тетка или криминалец кој ве учи на псовки
Душа ми се кине бидејќи сум принуден да живеам во свет на лажни вести, пропаганди, и мизерни телевизиски шоуа. Кој го направи овој хаос, па да мора младината вака да ни се упропастува?
Воздивнувате на псовките во ријалити шоуата, ги гледате гнасните сцени кои ви ги сервираат куп неморални луѓе собрани на едно место - и тоа пред ТВ екраните?
Во сапуницата наречена неморални вредности коишто секојдневно се шират на телевизиите и на социјалните мрежи, затворени и опкружени со илјадници камери, го снимаме сопственото реално шоу.
Заробени. Не смееме да го напуштиме бидејќи ќе нè дисквалификуваат и ќе треба да излеземе од истото без денар. А ако тоа го направиме некои „кусоумни“ ќе речат дека не го разбираме модерниот век...
Па, што ако речат? Нека речат што сакаат!
Душа ми се кине бидејќи сум принуден да живеам во свет на лажни вести, пропаганди и мизерни телевизиски шоуа. Чија уста „лајава“ го направила овој хаос, па да мора младината вака да ни се упропастува?
Да биде затруена како куп глувци со отровот на неморалните вредности, кои се трудат да нè затупат и да нè уверат дека животот се социјалните мрежи и небулозите прикажани на нив.
Но, мили мои до нас е. Човекот зад објективот на камерата е платен за да седи таму. А дали сте вие платени да дремете на интернет впивајќи го хаосот?
Доколку го прашате која е неговата цел, би ви рекол: „Профит“! А јас би ви рекол: „Сега му е мајката!“... Земете го далечинскиот управувач и стиснете го црвеното копче.
Затворете ѝ ја устата на неморалната тетка која вреска од ТВ екранот. Или воопшто не го гледајте криминалецот, кој ве учи на нови псовки и ви кажува како да пукате со пиштол.
Дотолку сме заслепени што веќе прст пред око не ни се гледа. Изгубивме чувство што се вистински вредности на заедницата.
Се отуѓивме поради политиката и социјалните мрежи. Сè е веќе во нивни раце. Не знаеме да се сакаме. Не се дружиме веќе.
Не разговараме за нашите чувства и проблеми. Не кажуваме интересни озборувања после училиште. Немаме пријатели.
Додека ни виси меч над главите, ние сме спокојни правејќи се дека сè е во ред. Колку и да ви звучи како ветер во магла, сепак ние го „јадеме“ гревот. Ги чувствуваме последиците.
Секојдневните насилства во училиштата, булингот, дискриминацијата, насилствата врз жените, невоспитаните деца, незаинтересираноста за учењето, немањето на срам и големиот број тепачки во парковите се резултат на тоа што ние го восприемаме од социјалните мрежи и популарните ријалити шоуа, преполни со негативци од различен калибар.
Наместо тие да бидат пример за како ние младите НЕ треба да се однесуваме, тие станаа идоли на многумина. Тие станаа кремот на заедницата на кој сите му се восхитуваат.
Народе, потребна ни е едукација за да разбереме што е погрешно. Потребна ни е самосвест за да се вратиме кон моралните вредности и конечно да почнеме да го вложуваме нашето време во корисни работи.
Потребна ни е заедничка сила. Младинска волја со која ќе направиме еден нов свет. Наш свет. Свет во кој ќе живееме како вистински луѓе кој ќе прават вистински работи. Бидејќи како што рекле, сложни калуѓери и в среда и в петок мрсат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com