Популарен јутјубер им плати операција за враќање на видот на 1.000 слепи лица - зошто јавноста го критикува?
- Детали
- четврток, 02 февруари 2023
Во вирално видео со над 70 милиони прегледи, јутјуберот Mr. beast откри дека платил за операциите за 1.000 слепи луѓе кои имаат катаракта и додека многумина се воодушевени од хуманиот гест, дел од јавноста го критикува.
Популарниот јутјубер MrBeast, чие вистинско име е Џими Доналдсон, плати за операција на 1.000 луѓе со слепило и им помогна да си го вратат видот.
Сепак, и покрај хуманото делото, јутјуберот се најде на мета на критики од дел од јавноста.
Видеото од хуманиот гест што јутјуберот го објави пред неколку дена веќе има 74 милиони прегледи и над 6,7 милиони допаѓања.
„Во ова видео го лекуваме слепилото на 1.000 луѓе“, вели јутјуберот на почетокот од видеото.
Покрај операцијата, на неколку луѓе јутјуберот им подарува голема сума пари, па дури и Tesla автомобил.
MrBeast соработувал со офталмологот и хирург Џеф Левинсон кој истакнува дека на огромен број луѓе им треба само 10-минутна операција за да си го вратот видот. Но, за жал, голем дел од овие луѓе не можат да си ја дозволат операцијата.
„Над половина од слепилото во светот е предизвикано од катаракта. 10-минутна операција која може да чини помалку од 100 долари го лекува проблемот засекогаш. Откако јас направив операција за катаракта бев воодушевен од убавината на светот.
Но, бев шокиран кога сфатив дека можеби 200 милиони луѓе, кои се слепи од катаракта, не можат да си ја дозволат операцијата“, открива офталмологот за People.
Кога јутјуберот стапил во контакт со лекарот, тој речиси го одбил предлогот.
„Кога MrBeast ми се јави, со ентузијазам ми кажа дека сакал да направи 1.000 операции за слепи луѓе од целиот свет, во рок од три седмици!
Никогаш претходно немав слушнато за него, целиот предлог ми звучеше лудо, беше како 12-годишно момче, и за малку ќе го прекинев повикот. Но, сега ми е мило што не го направив тоа“, додава лекарот.
Со цел да најде лица со катаракта кои не можат да си ја дозволат операцијата, јутјуберот почнал да се јавува во шелтери и клиники за бездомници во Флорида. Речиси веднаш нашле 40 лица, па на првиот ден лекарот 12 часа правел операции.
Но, јутјуберот не запрел во Флорида – во видеото се гледа дека им помогнал на луѓе од Мексико, Индонезија, Бразил, Виетнам, Кенија…